Денеска (16 декември), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски остварија средба со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуард Пич, британскиот амбасадор во Северна Македонија, Метју Лосон и заменикот началник на штаб во Здружената команда на сојузничките сили во Неапол, генерал-мајор Џон Кларк.
Британско-македонската одбранбена соработка е една од најсилните и највидливите, рече министерот на средбата и додаде дека „сега е време да размислуваме за можноста оваа наша соработка да ја издигнеме на ниво на стратешко партнерство“.
Мисајловски порача дека одбранбената соработка помеѓу двете земји е особено видлива во развојот на најголемиот македонски полигон за обука, „Криволак“, каде беа реализирани голем број на заеднички вежби, а со поддршка од Обединетото Кралство беа поставени и 14 мобилни објекти за борба во урбана средина кои ја зајакнаа обуката на македонските и сојузничките сили.
„Во време на нарушена безбедност на европскиот континент, од исклучителна важност е сојузниците во НАТО да се поддржуваат меѓусебно и заедно да се развиваат. Сета досегашна македонско – британска одбранбена соработка ја имаше токму таа цел“, рече министерот.
Македонско – британската одбранбена соработка датира од далечната 1995 година кога беше потпишан првиот Меморандум за разбирање помеѓу двете земји. Обединетото Кралство освен со споменатите комплексни мобилни објекти за борба во урбана средина, развојот на „Криволак“ го поддржа и со донација на електронски мети.
Во рамките на официјалната посета на тим од Здружената команда на сојузничките сили во Неапол, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и директорот на Генералштабот, бригаден-генерал Симеон Трајковски, остварија средба со заменик началникот на штаб за планирање во Здружената команда на сојузничките сили Неапол, генерал-мајор Џон Кларк.
Во текот на состанокот се разговараше за процесите на одбранбено планирање, како и активностите на Армијата на Република Северна Македонија во делот на поддршка на регионалните планови.
Посетата е дел од планираните активности на Здружената команда на сојузничките сили Неапол за посета на земјите кои се дел од нејзината зона на одговорност.