На 17 јуни 2026 година, воздухопловниот ВИНГ, во рамки на цивилно-воената соработка, организираше едукативна посета за деца од ЈОУГД „Ангел Шајче“ од Куманово, во придружба на своите воспитувачи.
За време на посетата, на децата им беа претставени дел од капацитетите и активностите на единицата, при што на интересен и на нивната возраст соодветен начин се запознаа со основните задачи на военото воздухопловство. Припадниците на Сквадронот за обука и тренинг и Хеликоптерскиот сквадрон им ја доближија работата на воздухопловниот персонал и улогата на воздухопловната техника во извршувањето на армиските задачи.
Посебен сегмент од посетата беше разгледувањето на воздухопловите и придружната техника, при што децата имаа можност непосредно да се запознаат со нивните основни карактеристики и намена. Посетата се реализираше во позитивна и интерактивна атмосфера, со активно учество и интерес од страна на најмладите посетители.
Реализацијата на ваквите активности претставува значаен придонес во развојот на соработката помеѓу Армијата и образовните институции, како и во приближувањето на воздухопловството и техничките професии до младите генерации.








