Заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, учествуваше на состанокот на заменици-началници на Генералаштабови и одбраната на земјите членки на Процесот на соработка меѓу Министерствата за одбрана на Југоисточна Европа (SEDM), кој денеска се одржа во Тбилиси, Грузија. На состанокот присуствуваа високи воени претставници од регионот и претставници на водечките регионални и меѓународни организации.
Главна цел на овогодишниот состанок беше унапредувањето на воената соработка, справувањето со стратешките предизвици во Југоисточна Европа, како и зајакнувањето на стабилноста и безбедноста на целиот регион преку отворен дијалог и меѓусебна поддршка.
Во рамките на конференцијата, од страна на учесниците беше упатена благодарност до Република Северна Македонија за нејзиниот континуиран и исклучителен придонес во изминатите шест години како земја домаќин на Штабот на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG) во Куманово. Притоа беа нагласени успешните напори на нашата земја во организацијата на клучните настани, вклучително и одбележувањето на 26-годишнината од формирањето на бригадата.
Како еден од најзначајните процеси за SEDM во 2026 година беше посочено претстојното дислоцирање на Штабот на SEEBRIG од Куманово во Република Турција. Процесот на дислокација се одвива во тесна и координирана соработка, при што официјално е најавено дека на 15 јули 2026 година во Куманово ќе се одржи свечената завршна церемонија, со што се заокружува успешната шестгодишна мисија на SEEBRIG, пред неговото активирање во Истанбул кон крајот на август.
За време на состанокот, делегациите дадоа поддршка и за низа тековни и нови регионални иницијативи, меѓу кои проектите за поврзување на воените болници (IMIHO), унапредувањето на улогата на жените во одбраната (FLSD), како и новиот проект за улогата на вооружените сили во справувањето со предизвиците од климатските промени.
Учесниците уште еднаш ја потврдија својата цврста посветеност на принципите на меѓународното право и Повелбата на ОН, согласувајќи се дека следниот состанок на заменици-началници на Генералаштабови на SEDM во 2027 година ќе се одржи во Република Србија.
На маргините на Конференцијата се реализираше и билатерална средба со заменик началникот на одбраната на Република Бугарија, генерал-потполковник Канев Красимир. Од негова страна беше истакната благодарност за нашето учество во НАТО активноста „Forward Land Forces“ (FLF) во Република Бугарија, како и за поддршката што ја даваме на единиците на сојузничките сили кои транзитираат низ нашата земја.








