Денес (1 јануари 2015 година), во касарната „Илинден“ во Скопје, Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Н.Е. д-р Ѓорге Иванов по повод новогодишните празници заедно со министерот за одбрана, Зоран Јолевски и началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, ги посетија припадниците на Армијата на Република Македонија.
При денешната посета Претседателот Иванов на припадниците на АРМ им подари ТВ приемник и им ја честита новата година од негово лично име и од име на граѓаните на Република Македонија. Тој воедно им се заблагодари за се она што го прават за одбраната и мирот во земјата и упати искрени честитки до сите припадници на АРМ кои се во мировни мисии надвор од државата.
Во рамки на посетата Претседателот Иванов го посети и Баталјонот за специјални намени „Волци“, при што го откри и камен обележјето на армиските волци каде во иднина секој нов припадник на оваа единица ќе дава заклетва.
Во изјава за медиумите претседателот Иванов истакна „Желбата на сите војници и старешини е конечно оваа година Република Македонија да го добие тоа што го заслужи и што и припаѓа, да биде членка на НАТО“.