Со симболична церемонија за примопредавање на должноста главен подофицер на Армијата, која се одржа во Генералштабот на Армијата, на чело на подофицерскиот кор на Армијата на Република Северна Македонија застана главен наредник Бране Петрески, кој ја прими должноста од главен наредник Свето Цветковски.
На денешната церемонија, со почитување на мерките за спречување на ширење на вирусот „Ковид 19“, покрај началникот на Генералштабот (ГШ), генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и директорот на ГШ, генерал-мајор Зоран Милески, присуствуваа и шефот на кабинетот на началникот на ГШ и главните подофицери од потчинетите команди и единици на Армијата.
Со врачување на единствената ознака на Главен подофицер на Армијата од страна на началникот на Генералштабот и официјално се изврши примопредавањето на оваа највисока должност за подофицерите.
Генералот Ѓурчиновски истакнувајќи го значењето на главните подофицери за Армијата, ги запозна со тековните активности кои се однесуваат за пополнување на подофицерските формациски места, како и напорите од страна на највисокото воено раководство во Генералшатабот за целосно имплементирање на концептот за подофицери, притоа поставувајќи ја улогата на подофицерите на предвиденото место, согласно НАТО стандардите.
Очекувањата дека подофицерскиот кор и главните подофицери, како носители на овој процес, со максимално залагање и вложување на целокупниот свој потенцијал ќе ги постигнат поставените цели од концептот и ќе го дадат својот придонес за извршување на кој било дел од мисиите што ни претстојат, ги изразија и генералите Нуредин и Милески.
Главниот наредник Петрески пред присутните истакна дека ќе вложи максимално залагање и со поддршка како од претпоставените, така и од главните подофицери ќе продолжи да ги реализира сите поставени цели во интегративните процеси од доменот на подофицерскиот кор во Армијата.
Главниот наредник Цветковски, кој ја извршуваше оваа должност во изминатите пет години, истакнувајќи дека должноста главен подофицер на Армијата е привилегија, но и голема одговорност, упати благодарност на најблиските соработници и на сите припадници од Генералштабот за досегашната соработка.
Главен наредник Бране Петрески во својата досегашна кариера ја има извршувано должноста главен подофицер на тактичко и оперативно ниво, а подофицерска академија има завршено во САД.
Подофицерскиот кор во армиите на НАТО е особено значаен и претставува еден од главните столбови во изведување на воената обука. Подофицерите се лидери во своите единици и најодговорните луѓе за обуката и овозможуваат поефикасно функционирање на командувањето во единиците. За да биде поставен на позиција главен подофицер, подофицерот мора да заврши подофицерска академија во партнерски армии на НАТО и да го има целосниот легитимитет и стручно знаење да биде оној што ќе ги пренесува информациите.