Припадниците на Баталјонот за почести, со воена свеченост, во согласност со протоколите и со почитување на мерките и препораките за заштита од COVID-19, го одбележаа 11 ноември, Денот на единицата.
Заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, во своето обраќање им го честиташе денот на една од најрепрезентативните единици на Армијата, која на симболичен начин со кревање на знамето на НАТО пред нашите државни институции прва го означи полноправното членство во најмоќниот военополитички сојуз.
„Промовирањето на вредностите на Армијата и нашата татковина е голема чест, обврска, но и мотив да продолжите понатаму да чекорите по тој пат. Како горди носители на државните обележја, од вас очекувам со доследно применување на гардискиот кодекс и со беспрекорно извршување на поставените задачи да постигнувате уште поголеми успеси“ – истакна генералот во своето обраќање.
Командантот на единицата, потполковник Дарко Стојковски во својот говор рече дека, Баталјонот за почести изминатиот период во континуитет остваруваше високи резултати во секојдневното работење, при реализација на протоколарните задачи, како и разни форми и содржини на обука во кои имаше континуирана поддршка и вреднување на остварувањата од претпоставената команда.
По повод Денот на единицата, беа доделени стимулативни мерки на дел од припадниците кои се истакнале и постигнале резултати во работата и обуката во изминатиот период.
Баталјонот за почести е формиран на темелите на Првата гардиска бригада, која е формирана по осамостојувањето на Република Македонија на 26.03.1992 година во касарната „Илинден“, а денот 11 ноември, како ден на бП оваа единица го презема како носител на традициите на Првата македонско косовска ударна бригада која е формирана на овој ден во 1943 година во селото Сливово.