Денес, 16-ти јули, во Радожда, Струга, се изведе методско-показна тактичка вежба ,,Неутрализирање на непријателски пловен објект“. На вежбата присуствуваа: Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, Министерот за одбрана д-р Зоран Јолевски, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, командантот на полкот за специјални операции бригаден генерал Васко Ѓурчиновски и други високи гости.
Вежбата беше со замислено сценарио каде терористичка група од соседна земја по воден пат влегува во Република Македонија и има намера да предизвика немири и да се спои со одредени делови на населението во земјава.
Припадниците на полкот за специјални операции (пСО), во координација со воздухопловната бригада, ја изведоа операцијата „Харпун“ во која беа прикажани повеќе содржини од обуката на вода како што се: обука во нуркање, совладување на водени пречки и спасување на давеник. Пред вежбата, пред гостите беше презентирана нуркачката опрема и друг вид на опрема и вооружување за извршување на борбени дејства во вода.
“Ова што го видовме е импресивно и ние заедно со АРМ ќе направиме се што е во наша моќ да ги имате најдобрите услови” им порача на припадниците на полкот, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски
Специфичноста на оваа вежба произлегува од потребата за добра координираност во подготовката, организацијата и изведувањето на една вежба од ваков тип. Со вежбата сакавме да ја покажеме и координацијата помеѓу АРМ и МВР, додаде генералот Котески.
Командантот на пСО, бригаден генерал Ѓурчиновски оцени дека овие операции се со многу висок ризик и бараат висока обученост и подготовка за да може успешно да се одговори, притоа изјавувајќи дека на денешната вежба беше демонстрирана целокупната оспособеност и комбиниран капацитет за одговор на секаков вид закана со поддршка и содејство на силите на армијата од воздух и од копно.
За изведување на оваа вежба, во текот на изминатите денови, припадниците на АРМ се подготвуваа во Центарот за обука на вода во Охрид.