Во годината кога Армијата го слави својот 25 роденден, а по повод одбележувањето на денот на воздухопловната бригада (вбр), во просториите на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, е промовирано новото издание од авторите Ставре Џиков и Киро Кипроски, „Сага за македонските воени пилоти“.
Во книгата „Сага за македонските воени пилоти“ за прв пат се објавени интересни настани, фотографии, факсимили, разговори, интервјуа, биографии, репортажи, за пилотите во одбрана на татковината, за развојот на авијацијата, учеството во меѓународните мисии како и за денот кога пилотите го имаа првиот официјален лет со авион со македонското знаме и ознаки.
На промоцијата покрај командантот на вбр, присуствуваа и поранешни и сегашни припадници на военото воздухопловство на кои впрочем им е посветено ова дело.
Покрај промоцијата на изданието, посетителите ја проследија и изложбата на фотографии и макети на воздухоплови од макетарскиот клуб „Мајор Михајло Ивановски-Микс“ од Скопје, како и изложбата на воени униформи од воздухопловството на РМ.
Исто така програмата беше збогатена со кратки музички интермеца во изведба на ученици од Средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ од Скопје.