Во почетен подофицерски чин се промовираа уште 70 професионални војници на Армијата на Република Северна Македонија, кои со успех го завршија третиот по ред курс за подофицери, по нашето полноправно членство во НАТО.
На воената свеченост во касарната „Илинден“ во присуство на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, со доделувањето на почетниот подофицерски чин во единиците на Армијата отпочнува со извршување на задачите третата генерација на подофицери, со кои подофицерскиот Кор во овие две години се збогати за 190 подофицери.
Министерката Шекеринска која се обрати пред стројот истакна дека треба да бидеме горди на успесите, бидејќи тие се резултат на една континуирана работа и посветеност и ја посочи воената интеграција како еден од резултатите кој уште повеќе ја зацврсти позицијата на Северна Македонија во НАТО и меѓу сојузниците, и за кој добивме пофалба од највисоко место. Притоа истакнувајќи го процесот на целосна воена интеграција во НАТО кој го извршивме во рекордно краток период.
На промоцијата, на тројцата припадници кои покажаа најуспешни резултати за време на тримесечниот основен подофицерски курс, им беа доделени признанија како поттик за нивното понатамошно залагање во процесот на обуката.
Прворангираниот подофицер, водникот Сашко Иванов, на своите колеги – новопромовирани подофицери им порача: „Продолжуваме подготвени кон новите предизвици кои ни претстојат во новата работа. Ова нека биде предизвик и мотивација за останатите припадници на Армијата да продолжат да ги исполнуваат стандардите како што доликува на припадници на високо обучена Армија“.
Курсот за подофицери се реализираше на армискиот полигон „Криволак“ и во центарот за обука „Пепелиште“ од страна на искусни инструктори од Командата за обука и доктрини, Баталјонот за специјални сили и Извидувачко – разузнавачкиот баталјон.
Стекнатите знаења во текот на обуката новопроизведените подофицери во понатамошната работа ќе ги пренесуваат на професионалните војници во единиците во кои ќе бидат распоредени.
На денешното промовирање на новите 70 подофицери присуствуваа и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на Командата за обука и доктрини и бригаден генерал Методија Хаџи Јанев, државниот секретар Драган Николиќ.