Денес, 2-ри мај 2013 година, Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески оствари проштална средба со потполковникот Манфред Стеиб од Канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија.
На средбата генералот Котески му се заблагодари на потполковникот Стеиб за неговата работа и стручен ангажман, при што нагласи дека тој дал соодветен придонес во достигнувањето на стандардите на НАТО, како во Армијата, така и во Министерството за одбрана, заради што е заслужен и за одличната соработка помеѓу ГШ на АРМ и Канцеларијата за врски на НАТО.
Манфред Стеиб од 2009 година во рамките на Канцеларијата за врски на НАТО ја вршеше должноста Советник за човечки ресурси, образование и обука и структура на силите, како припадник на Вооружените сили на СР Германија.