Работна група составена од воени претставници на НАТО главниот штаб во Брисел, министерството за одбрана и генералштабот на Армијата, денес во Домот на Армијата во Скопје го започна првиот работен состанок за воено пристапување и интегрирање на Република Северна Македонија во НАТО.
Заменик на началникот на генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, кој е координатор за наведената активност, во своето воведно обраќање по образложувањето на досегашните реализирани законски одлуки и конкретни активности неопходни за интегративниот процес, го нагласи значењето на синхронизацијата со НАТО планирачкиот процес во понатамошното национално одбранбено планирање. Притоа истакна дека со заедничко работење на експертските групи со сигурност ќе ја постигнеме планираната крајна цел-нашата потполна интеграција во НАТО.
На овој работен состанок, преку работа во синдикални групи за определени области ќе се согледа степенот на досегашна реализација на активностите и понатамошните обврски на носителите на области кои произлегуваат од „Националниот план за интеграција во НАТО“ и „Директивата за воена поддршка на нова НАТО членка“.
Претходно, во Брисел, делегација од министерството за одбрана и генералштабот учествуваше на првата интегративна конференција за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, каде се усогласуваа националниот план за интеграција и планот за поддршка од страна на НАТО. Во јуни 2020 година до кога се очекува да бидеме и полноправна членка на НАТО, ќе бидеме домаќини на втората интегративна конференција за пристапување.