Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, од денес престојува во работна посета на Вооружените сили (ВС) на Република Турција. Во Генералштабот на Турските ВС во Анкара, НГШ на АРМ денес срдечно го пречека началникот на ГШ на ВС на Република Турција, генерал Неџет Озел.
На средбата, покрај унапредување на билатералната соработка со ВС на Република Турција, се разговараше за заедничка обука и школување на припадниците на АРМ во ВС на Република Турција, при што е договорено во иднина лекарите од Воено-медицинскиот центар на АРМ да имаат можност да специјализираат и да се доусовршуваат на Турската Воено-медицинска академија „ГАТА“, како и специјализирање за прегледи на лица од военото воздухопловство. Разговарано е и за понатамошно унапредување и продолжување на обуката на специјалните единици на двете армии и обука во делот за воздушно набљудување. Покрај продлабочувањето на техничката соработка и поддршка од страна на Турските ВС на АРМ, на средбата беше разгледана и можноста за заедничко учество во меѓународните мировни мисии, како и реализација на заеднички културно-социјални проекти.
Генералот Котески упати благодарност до својот турски колега за несебичната и искрена поддршка и помош која АРМ и Република Македонија ги добиваат од страна на Република Турција, во напорите за зачленување на нашава земја во НАТО, при што особено беше потенцирана помошта од ВС на Република Турција во опремувањето на АРМ. Генералот Озел изрази задоволството од соработката помеѓу двете армии, како и подготвеност за продолжување и проширување на заедничките проекти помеѓу двете армии, особено на полето на военото образование и обуката.
Работната посета на началникот на ГШ на АРМ е уште една потврда за одличната соработка на АРМ со ВС на Република Турција, која постојано се развива во нагорна линија.