Делегација на Армијата, предводена од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес 5 јуни, во Солун, Република Грција, оствари работна средба со командантот на НАТО Корпусот за брзо распоредување – Грција (NATO Rapid Deployable Corps – Greece, NRDC-GR), генерал-потполковник Григорис Боутлиакис.
На средбата беа разгледани актуелните безбедносни прашања, како и можностите за понатамошно унапредување на соработката и координацијата меѓу Армијата и Командата на NRDC-GR.
Во рамките на посетата, генерал-мајор Лафчиски оствари и средба со претставникот на Армијата распореден во оваа мултинационална команда.
НАТО Корпусот за брзо распоредување – Грција е мултинационална команда со седиште во Солун. Воден од мотото „Способни денес, подготвени за утре, приспособени за иднината“, корпусот има задача да биде подготвен за извршување на широк спектар на воени операции во зоната на одговорност и пошироко, со цел навремена и ефикасна реакција на современите безбедносни предизвици.








