Началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес оствари средба со командантот на мисијата на НАТО, КФОР во Косово, генерал-мајор Енрико Бардуани, кој се наоѓа во работна посета на Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.
На средбата беше истакната одличната соработка помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и силите на КФОР во Косово, изразена преку директно учество на наши единици во мисијата.
На средбата, меѓу другото е разговарано за безбедносната состојба во регионот, како и за понатамошните заеднички активности насочени кон унапредување на соработката, со цел јакнење на регионалната стабилност и безбедност.
Генералот Бардуани се запозна и со процесот на трансформација и модернизација на Армијата, нашето учество во операциите и мисиите во странство и активностите во поддршка на државните институции во справување со кризи, како и можностите за обука и вежби кои ги нуди АП „Криволак“.
Армијата на Република Северна Македонија, која пред четири години отпочна со директно учество во КФОР, својот придонес го дава со штабни офицери во главната команда на мисијата и два вода за обезбедување во регионалната команда на КФОР – „Запад“.
Покрај директното учество, континуирано од почетокот на операцијата, преку координативниот центар за поддршка на земјата домаќин обезбедуваме и логистичка поддршка на силите на КФОР при царински и гранични процедури на транспортите на НАТО.