Командантот на КФОР, генерал-мајор Микеле Риси, кој е назначен на оваа должност во ноември минатата година, денес оствари прва посета на генералштабот на Армијата и министерството за одбрана која претставува редовна годишна активност на командантот на КФОР.
На средбата со началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски се опфатија теми кои произлегуваат од меѓусебната соработка и се од заеднички интерес, како што се безбедносните предизвици во регионот и зоната на одговорност на мисијата, заедничките планирани активности со силите на КФОР и размена на информации.
За време денешната посета, генералот Риси оствари средба и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Редовните годишни состаноци на највисоките воени раководители во досегашниот период беа од особено значење за севкупната регионална безбедносна состојба.
Во 2007 година во целосна оперативна готовност беше ставен Координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој е во состав на логистичката база и чија основна задача е координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување, со што на посреден начин учествуваме во мисијата КФОР.