Во рамки на активностите за одбележување на 25 години од формирањето на Армијата на Република Македонија, во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа воена свеченост по повод денот на воздухопловната бригада (вбр).
На одбележувањето на Денот на вбр присуствуваа: министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, високи претставници од МО и ГШ на АРМ, командантите на потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, поранешни команданти и припадници на единицата и други високи гости.
„Сакам да искажам почит и во името на Владата на Република Македонија и во името на граѓаните на Република Македонија, кон сето она што сте го работеле и постигнале до сега, како во рамки на Армијата на Република Македонија така и пошироко. Не смее да се заборави и Вашата улога при справувањето со различни елементарни непогоди кои ја погодија Република Македонија во минатото, особено Вашиот ангажман при гасење на пожарите и справување со други катастрофи. Граѓаните на Македонија како цивили мислат на безбедноста тогаш кога им е загрозена, но вие мислите на нашата безбедност секој ден во тек на вашата служба и за тоа ви изразувам голема почит“, рече министерката Шекеринска во своето обраќање пред присутните.
Министерката додаде дека еден од најголемите предизвици кој стои пред нас е зачленувањето во НАТО – Алијансата. Додаде дека ни претстои период на силни реформи во кои е потребно активно, одговорно и отчетно учество на сите нас, со цел одржување и остварување на сите поставени задачи и цели.
Командантот на Здружената оперативна команда бригаден генерал Зоран Милески честитајќи им го денот, изрази уверување дека сите нејзини припадници се оспособени и обучени за извршување на суштинските задачи кои произлегуваат од мисијата, а тоа се обезбедување на воздушна поддршка и транспорт на единиците на АРМ, набљудување на воздушниот простор на РМ, противвоздушна одбрана на елементите на борбениот распоред на единиците и позначајни објекти на територијата на РМ, како и учество во операции за поддршка на мирот надвор од државата.
Командантот на вбр, полковник Роберт Малезански во своето излагање пред присутните се осврна на почетоците кога пред 25 години припадниците на вбр за прв пат полетаа над територијата на независна Република Македонија, денот кога АРМ ги доби своите воени крила. Со тој историски лет започна да се пишува безвремената приказна за воини достојни за почит, исполнети со ентузијазам и енергија, обединети да и служат на Република Македонија.
По повод денот на вбр беа прочитани наредби за унапредување, стекнување на звање пилот, а пехар и преодно знаме за постигнување исклучителни резултати во извршувањето на мисијата на единицата доби сквадронот за транспортни хеликоптери.
Воената свеченост беше збогатена со прелет на воздухопловите од вбр и Центарот за обука на пилоти како и со изложба на материјално технички средства со кои располага единицата.
Постоењето на вбр се темели врз одлуката на Претседателот на Република Македонија од 10 април 1992 година, со која е формирана командата на воено воздухопловство и против-воздушната одбрана на АРМ во чиj состав влезе авијациска бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон. Во 2005 година воздухопловната бригада се трансформираше во помала, покомпактна единица наречена воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група) која фигурира до 2012 година кога повторно се формира воздухопловна бригада во составот на Здружената оперативна команда.