Во рамките на официјалната посета на Вооружените сили (ВС) на САД, вчера (29-ти септември) началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски во Вашингтон се сретна со заменикот на началникот на Здружениот штаб на ВС на САД генерал Паул Селва.
На средбата во Пентагон, генералот Величковски искажа благодарност за поддршката која АРМ ја добива од ВС на САД, оценувајќи ја билатералната соработка помеѓу двете армии како исклучително плодна и сестрана, градена врз искрено долгогодишно партнерство. НГШ на АРМ нагласи дека САД претставуваат стратегиски партнер на Република Македонија, при што ги искажа очекувањата за продолжување на поддршката од САД за полноправно членство во НАТО на Република Македонија, укажувајќи и на фактот дека АРМ ги има достигнато потребните стандарди на Алијансата, што е потврдено и со долгогодишното учество во мировните операции предводени од НАТО, ЕУ и ООН.
Генералот Селва истакна дека САД ја поддржуваат посветеноста на Република Македонија во изградбата на воени капацитети и способности согласно НАТО стандардите, заради што преку разни фондови и програми ќе се поддржи изградбата и професионален развој на офицерскиот кор на АРМ, како и обуката, вежбите и процесот на модернизација.
Двајцата генерали изразија задоволство од развојот на партнерската програма за соработка на АРМ со Националната гарда на Вермонт, кое во изминатите 20 години даде видливи резултати во достигнувањето на стандардите на НАТО, но и во делот на заедничко распоредување на сили во мисија.
Пред домаќините, во Пентагон, од страна на НГШ на АРМ беа презентирани приоритетите во развојот на АРМ и искуствата од учеството во меѓународните мировни мисии.