Како дел од активностите со кои Армијата на Република Северна Македонија го одбележува јубилејот „30 години од формирањето на Армијата“, денеска во Касарната Илинден – Скопје се одржа свеченост на која беа доделени златни значки за 30 години активна служба за припадниците на Армијата.
На свеченоста на која присуствуваа министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски, генералите во Армијата и припадници од командите и единиците на Армијата кои ќе учествуваат на централната свеченост по повод Денот на Армијата од страна на министерката Петровска се доделија 281 златна значки на припадниците на армијата.
На денешната свеченост Златна значка беше доделена и на началникот на Генералштабот, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски, на пет генерали, но и на 140 офицери, 69 подофицер и 67 цивилни лица кои се во состав на Армијата од самиот нејзин почеток и учествуваа во нејзиниот раст и развој.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање најнапред упати голема благодарност до сите припадници за нивната посветеност, за целиот труд и напорна работа во изградбата на Армијата, достојна за почит и со највисока доверба кај граѓаните.
„Кога велиме дека Армијата започнавме да ја градиме од самиот темел, мислиме на вас. Вие ја градевте, вие ја изградивте, вие бевте професионалците кои заедно со вашите колеги создадовте историја која ќе ја паметиме и иднина која ја посакуваме. Вашиот вложен труд и енергија вродија со големи резултати, вклучувајќи го и нашето историското членство во Алијансата. Сите вие, кои учествувавте во овие процеси со гордост може да кажете дека сте биле дел од овој успех. Вие знаете најдобро што значи да се биде дел на еден тим, на едно семејство кое си ја сака татковината и работи за неа – бескомпромисно и без задршка“, истакна Петровска.