Денес, 27.12.2014 година на аеродромот „Александар Велики“ – Скопје министерот за одбрана Зоран Јолевски, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески и командантот на ЗОК генерал-мајор Методија Величковски, присуствуваа на испраќањето на контингентот на АРМ кој замина во мисијата „Одлучна Поддршка“ во Кабул, Авганистан.
Министерот Јолевски истакна дека Македонија досега има добиено највисоки оцени за нејзиното учество во меѓународните мировни мисии, а резултат на тоа е и позицијата заменик-командант на командата на градот Кабул, која во новата мисија му е доделена на висок офицер од Армијата на Република Македонија. „Тој факт покажува дека сме квалитетна и високо ценета Армија, а сето тоа придонесува и кон понатамошно претставување на аргументите зошто Република Македонија треба да биде дел од НАТО“.
Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески, во своето обраќање на мировниците им посака успешна мисија и добро здравје, при што додаде дека не треба да заборават дека припадниците на АРМ се тука за нив и за нивните семејства секогаш кога ќе има потреба.
Дека припадниците на Армијата кои заминуваат на оваа задача се целосно подготвени потврди и капетанот Маријан Гугуљанов, кој посочи дека уште еднаш, како и досега, ќе се прикажат вистинските знаења и способности на припадниците на Армијата на Република Македонија.
Република Македонија во рамките на новата мисија ќе учествува со 38 припадници на Армијата. 20-те припадници на АРМ кои денеска беа свечено испратени ќе бидат дел од обезбедувањето на командата на мисијата, задача која и досега ја извршуваа припадници на Армијата на Република Македонија, во рамките на мисијата ИСАФ во Кабул. Неодамна беа испратени и 13 штабни офицери, во чии рамки е и заменик-командантот на командата на главниот град, Кабул.