Денес 25 август 2015 година, во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, се одржа свеченост по повод примопредавањето на должноста командант на Прва механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) од составот на Здружената оперативна команда (ЗОК) на АРМ.
Должноста командант на 1.мпбр од бригадниот генерал Павле Арсоски ја прими полковникот Зоран Милески кој досега ја извршуваше должноста началник на штаб во бригадата.
На свеченоста присуствуваа: Министерот за одбрана Зоран Јолевски, Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, Заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Рацај Мухамет, Командантот на ЗОК бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, претставници од министерството за одбрана и ГШ на АРМ, поранешните команданти на бригадата, команданти на потчинетите единици и други гости.
Согласно Правилото за воен протокол пред стројот на припадниците на ЗОК со пригодни говори се обратија: командантот на ЗОК, досегашниот командант на 1.мпбр и новопоставениот командант на бригадата.
Командантот на ЗОК во својот говор истакна дека за првата механизирана пешадиска бригада не е потребно да се искажуваат многу пофални зборови, доволно е само потсетување за досегашните постигнати врвни резултати, докажаната обученост и професионализам, исклучителната посветеност кон работата, учеството во борбените операции како и многу други достигнувања.
На досегашниот командант на 1.мпбр му оддаде признание за досегашното командување и дадениот личен придонес во резултатите на единицата. На новопоставениот командант му честита за поставувањето и му посака успешно раководење и командување со единицата.
Досегашниот командант на 1.мпбр, бригадниот генерал Павле Арсоски истакна дека е задоволен од постигнатите резултати и му претставува големо задоволство што командуваше со овој состав, за што на сите им се заблагодари за укажаната поддршка.
Новиот командант на 1.мпбр полковник Зоран Милески истакна дека е голема чест и задоволство да се предводи респектирана и препознатлива единица како што е 1.мпбр упатувајки порака дека: „не очекува напорна работа за исполнување на сите очекување и притоа нема да биде лесно, но ви ветувам дека ќе ги делиме и напорите и успесите и ќе бидам заедно со вас во извршувањето на задачите“.
На крајот од воената церемонија следуваше примопредавање на военото знаме на бригадата со што се изврши и официјално примопредавање на должноста, командант на 1.мпбр, а потоа следеше воено дефиле на ешалоните од потчинетите единици на 1.мпбр.
Досегашниот командант на 1.мпбр, бригадниот генерал Павле Арсоски со Указ на Претседателот на Република Македонија е поставен за заменик на командантот на ЗОК.