Денес (7-ми септември 2015 година) во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа свеченост по повод приемот на новите 125 професионални војници во АРМ. На свеченоста присуствуваа: министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, командантот на Здружената оперативна команда бригаден генерал Васко Ѓурчиновски и други гости од МО и АРМ.
Честитајќи им го новиот почеток во кариерата во воената професија, министерот Јолевски потсети дека новопримените професионални војници, поминаа ригорозен процес на селекција и докажаа дека се најдобри меѓу најдобрите.
Свесни сме дека клучен елемент за успехот на секоја армија е високо обучениот, мотивиран и квалитетен професионален воен персонал. Поради тоа долгорочно инвестираме во обуката на персоналот на Армијата.
Токму затоа, вас ви претстои период исполнет со предизвици и многу работа. Предизвик кој значи инвестирање во знаење и обука, но и инвестирање во иднината, рече во обраќањето министерот Јолевски.
Со приемот на овие нови професионални војници, на добар пат сме до крајот на 2015 година да ја постигнеме и посакуваната пополна на командите и единиците со потребниот високо квалитетен, способен, мотивиран и обучен персонал, истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски на свеченоста по повод приемот на новите професионални војници во АРМ.