Денес, 25-ти јули во касарната „НХ Кузман Јосифовски Питу“ во Тетово, се одржа свеченост по повод враќањето на контингентот на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), кој учествуваше во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.
На свеченоста по повод враќањето на контингентот на АРМ од мисијата ИСАФ присуствуваа: министерот за одбрана д-р Зоран Јолевски, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, заменик-министерот за одбрана Арбен Лабеништа, државниот секретар во МО Сашо Стефаноски, високи претставници од МО и АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднините на припадниците од контингентот и други гости.
„Вие успешно се справивте со обврските и предизвиците кои ги носи оваа мировна мисија во која ние учествуваме повеќе од една деценија. Резултатите кои ги постигнавте во изминатите шест месеци се должат на вештините и способностите, но и на колективниот дух, врвниот професионализам и патриотизмот, кои уште еднаш потврдија дека станува збор за посветени и горди припадници на нашата Армија“ – изјави министерот за одбрана на Република Македонија, д-р Зоран Јолевски, на денешната свеченост во тетовската касарна.
Началникот на генералштабот на АРМ, генерал потполковник Горанчо Котески нагласи дека со учеството во мировните операции, АРМ не само што се стекнува со огромно искуство при изведување на борбени задачи, туку веќе и ја докажува интероперативноста и интероперабилноста со членките на НАТО, семејство во кое ние заслужуваме да бидеме член. Во својата изјава, генералот Котески наведе дека АРМ останува во Авганистан по завршувањето на мисијата ИСАФ и ќе земе учество во новата мисија „Одлучна поддршка“.
Во шеснаесеттата ротација на мировната мисија ИСАФ во која АРМ учествуваше со механизирана пешадиска чета, во Авганистан учествуваа 151 припадник на АРМ и заедно со најстариот национален претставник беа распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул.