Денес, 24-ти Јануари во касарната Чеде Филиповски – Даме, во Кичево, се одржа свеченост по повод враќањето на контингентот на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада, (1.мпбр) кој учествуваше во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.
На свеченоста по повод враќањето на контингентот на АРМ за мисијата ИСАФ присуствуваа: Министерот за одбрана Талат Џафери, Заменик на началникот на ГШ на АРМ генерал – потполковник Насер Сејдини, Командантот на Здружената оперативна команда на АРМ генерал-мајор Методија Величковски, Командантот на 1.мпбр бригаден генерал Павле Арсоски, Началникот на штаб во ЗОК бригаден генерал Стојан Димчов, претставници од МО и ГШ на АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднините на припадниците од контингентот и други гости.
„Со вашата пожртвуваност, хуманост, борбеност, подготвеност и несебичност, одвоени од своите најблиски, вие бевте амбасадорите на мирот на Република Македонија во меѓународната мисија ИСАФ во Авганистан. Вие имавте мисија да ги споделувате заедничките вредности и интереси на Алијансата, со авганистанскиот народ, и тоа во етаблирањето на мирот, демократијата, еднаквоста и меѓусебното почитување“, порача министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, на денешната свеченост во кичевската касарна „Чеде Филиповски–Даме“, по повод враќањето на 15. ротација на контингент на АРМ од силите ИСАФ во Авганистан.
Во своето обраќање, министерот ја повтори и заложбата на Република Македонија за континуирана поддршка на процесот на демократизација на Авганистан, и тоа преку учеството во новата пост-ИСАФ мисија на Алијансата во земјата, наречена „Одлучна поддршка“.
Во 15. ротација во рамките на силите ИСАФ, АРМ учествуваше со механизирана пешадиска чета од 1. Механизирана пешадиска бригада која заедно со најстариот национален претставник беше распоредена во главната команда на ИСАФ во Кабул. Припадниците на АРМ во изминатите шест месеци беа задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во главниот град, Кабул.