Како почеток на активностите за одбележување на триесетгодишниот јубилеј на Армијата, денес во организација на Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија и Асоцијацијата на здруженија од сферата на безбедноста, одбраната и меѓународни односи во Домот на Армијата во Скопје се одржа трибина на тема „30 години развој на Армијата-формирање, настани, успеси, предизвици, иднина“ .
На почетниот дел од трибината, свое обраќање имаа претседателот и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски во своето обраќање истакна дека Армијата во изминатите 30 години, целосно се трансформираше, модернизацијата се одвиваше во согласност со стандардите на Алијансата фаќајќи го чекорот со најновите трендови во одбраната, а стекнуваше искуство и на бројни меѓународни воени вежби и со активно учество во повеќе мировни мисии предводени од НАТО, од ЕУ, ОН и од нашите стратешки партнери на билатерална основа зајакнувајќи го нашиот меѓународен кредибилитет затоа што не препознаваа како држава која генерира стабилност во поширокото опкружување.
Една од најдобрите одлуки зад која повеќе од три децении стои широк надпартиски и општествен консензус е истрајноста во нашата евроатлантска ориентација. Токму во овој период на огромни геополитички тензии и воени конфликти, членството во НАТО претставува важен стабилизирачки фактор за Северна Македонија. Истакна претседателот Пендаровски.
Министерката Петровска на трибината, честитајќи го триесетгодишниот јубилеј на сите кои придонеле во развојот на Армијата од нејзиното воспоставување до денеска, посочи:
„Денес Северна Македонија не е сама, туку е дел од обединето семејство, кое е подготвено заеднички да одговори на сите безбедносни предизвици. Ова е време кога не постои алтернатива на сојузништвото, соработката и меѓусебната поддршка на меѓународно ниво. Без безбедност нема ниту економски развој, ни просперитет, но од друга страна, без развој на одбранбените способности нема безбедност и демократско владеење на правото. рече Петровска.
Членството во Алијансата дојде во вистински момент, порача Петровска и додаде: „2022 година ја покажа суровата реалност од нови безбедносни ризици, закани и предизвици кои се исклучително сериозни и непојмливни дека можат да се случат по крајот на Втората светска војна. Случувањата во Украина нè потсетија дека војната на европско тло не е минато, а мирот не е загарантиран. Тоа нè потсети дека развојот на одбранбените капацитети се повеќе од неопходност, дека подготовките и градењето на отпорноста мора да се разберат како континуитет и дека покрај сè со денешните предизвици ниту една земја не може самостојно успешно да се справи.“
Генералот Ѓурчиновски, кој се обрати како актуелен началник на Генералштабот, но и како директен учесник во тридеценискиот развој на Армијата истакна дека денешното постигнато ниво на развој се должи на взаемното споделување на ова бреме со сите државни структури, но пред се на несебичното залагање на директно инволвираните од армиските редови и од сите структури на одбраната.
„Армијата, како најзначаен субјект во одбранбениот систем на Републиката, во овие 30 години, умееше секогаш да ги согледа приоритетите во структурните промени, кои со умешност во командувањето, контролата и принципот на едностарешинство и субординација овозможија за релативно краток период да се достигнат потребните стандарди на НАТО.“ истакна генералот Ѓурчиновски.
На трибината обраќања имаа и првиот министер за одбрана, Трајан Гоцевски и првиот началник на Генералштабот, генерал Митре Арсовски и други говорници кои споделија искуствата од самите почетоци на формирање на Армијата како и тогашните предизвици, додека од страна на генералот Ѓурчиновски беа претставени реформските процеси и активности кои ги спроведува Армијата по приемот во НАТО, како и идните планови и активности.
Трибината, преку стручната експертиза и аналитичкото согледување од страна на соговорниците, како и нивните експертски и политички видувања за достигнувањата на одбраната на Република Северна Македонија го дава својот инпут во можните понатамошни предизвици и правци на развој на одбраната, како дел од колективната одбрана.
Со трибината се отпочнаа планираните активности со кои ќе се одбележува јубилејот 30 години од формирањето на Армијата: изложби, концерти, спортски натпревари, хуманитарни акции, прослави во единиците и друго.