Во период од 10 до 12-ти Јуни во Белград, Р. Србија, Командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајор Методија Величковски учествуваше на конференцијата на заменици на началници на генералштабови во рамките на процесот на соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа (СЕДМ – South East Defence Ministerial).
На конференцијата учесниците од земјите членки и претставниците од меѓународните организации како НАТО и ОН дискутираа за прашања од заеднички интерес и воено политичката соработка во регионот, за начинот на идното функционирање на СЕДМ, реализираните и отпочнати активности на бригадата на југоисточна Европа (СЕЕБРИГ) и статусот на проектите во рамките на иницијативата.
Притоа, беше изразено задоволство од финализирањето на табелата за пополна на клучните позиции во СЕДМ и СЕЕБРИГ и потенцирана важноста од изработка на СЕДМ Стратегискиот Преглед.
Беше истакнато и значењето на направените напори за подобрување на ефективноста на СЕЕБРИГ и активниот придонес кој го дава бригадата за безбедноста, соработката и стабилноста во рамките на иницијативата.
Во своето излагање генерал-мајор Величковски го истакна значењето на СЕДМ процесот во градење и јакнење на довербата меѓу земјите во регионот и пошироко, како и придонесот на Република Македонија во понатамошен развој и унапредувањето на овој облик на соработка.
Генералот, помеѓу останатото, истакна и дека одлуките од конференцијата несомнено ќе придонесат за повисок степен на оперативна подготвеност на бригадата СЕЕБРИГ. На крајот ја потенцира заложбата на Република Македонија за интегрирање на регионот во НАТО и Европската унија со што ќе се придонесе кон негово економско и безбедносно зајакнување.
СЕДМ претставува процес на политичката и воена соработка меѓу министерствата за одбрана на четиринаесет полноправни земји членки (Македонија, Италија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Грција, Романија, Бугарија, Словенија, Турција, Албанија, Украина и САД ) и две земји набљудувачи Грузија и Молдавија. Процесот за првпат е инициран во март 1996 година, со цел јакнење на разбирањето, политичко-воената соработка и подобрување на стабилноста и безбедноста во регионот.