Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска за првпат како полноправен член, учествуваше на 183-то редовно заседание на Воениот Комитет (ВК) на НАТО, највисокото воено советодавно тело на Алијансата.
На заседанието, кое за првпат се одржува по пат на телеконференциска врска, началниците на генералштабови на армиите на 30те земји членки, согласно агендата разговарале за тековните операции, мисии, активности и оперативните заложби за градење на стабилност и зајакнување на партнерствата.
На почетокот од состанокот со кој раководи претседавачот на ВК, воздухопловниот маршал, Сер Стјуарт Пич, во својот воведен говор, помеѓу останатото го поздрави членството на Република Северна Македонија во НАТО и првото учеството на генералот Ѓурчиновски на ова заседание како полноправен член на ова тело. Во воведниот дел свое обраќање имал и генералниот секретар Јенс Столтенберг, кој пред началниците на генералштабови ги соопштил заклучоците од последниот состанок на министрите за одбрана.
Во своето обраќање генералот Ѓурчиновски ја повторил нашата заложба и целосна посветеност во соработка со сојузниците, за подобрување на безбедноста во регионот и глобално, овојпат како полноправна земја членка. Воедно е искажана благодарност за поддршката за приемот во НАТО и за пружената помош и асистенција од сојузниците при справувањето со актуелната глобална здравствена криза.
На конференцијата на која покрај началниците на генералштабови учествуваа и Врховните команданти на сојузничките сили во Европа и на сојузничките сили за трансформација, генералите Тод Вотерс и Андре Ланата, на една од сесиите како актуелна тема се разговарало за улогата на НАТО во рамките на кризата предизвикана од „Ковид-19“ и на можностите за понатамошна поддршка на сојузниците кои искажуваат потреба за тоа.
Началниците на генералштабови помеѓу останатото разговарале и за НАТО мисиите, меѓу кои и за постојаната мисија за обука во Авганистан „Одлучна Поддршка“, во која мисија Армијата на Република Северна Македонија учествува со свој персонал од самиот почеток. Началниците разговарале за важноста на зачувувањето на постигнатите достигнувања во последните 19 години и евентуалниот иден ангажман во Авганистан.
Воениот комитет на ниво на началници на генералштабови се состанува двапати годишно во седиштето на НАТО во Брисел, а еднаш годишно се среќаваат во сојузничка земја-членка. Секојдневната работа во ова тело ја вршат постојаните воени претставници во седиштето на НАТО во Брисел.