Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, од денес се наоѓа во Република Словенија, каде ќе учествува на редовно заседание на највисоко воено советодавно тело на НАТО, воениот комитет (ВК) на НАТО.
Целта на заседанието на која се очекува да учествуваат околу 600 високи воени претставници на НАТО и земјите членки, е размена на мислења помеѓу началниците на генералштабови и стратешките команданти за тематски прашања од областа на одбраната и безбедноста кои се важни за НАТО Алијансата. Клучните теми на дискусиите според официјалниот веб сајт на НАТО ќе бидат тековните мисии и оперативните активности, одржување на подготвеноста, како и градење на концепт на војување во модерно безбедносно опкружување кое ќе може да одговори на современите безбедносни предизвици.
Со конференцијата која се одржува во формат началници на генералштабови на дваесет и девет полноправни членки плус еден поканет член, ќе раководи претседавачот на ВК на НАТО, воздухопловниот командант, маршал, Сер Стјуарт Пич, а на сесиите ќе присуствуваат и Врховните команданти на сојузничките сили во Европа и на сојузничките сили за трансформација, генералите Тод Вотерс и Андре Ланата.
Воениот комитет на ниво на началници на генералштабови се состанува двапати годишно во седиштето на НАТО во Брисел, а еднаш годишно се среќаваат во сојузничка земја-членка. Секојдневно, нивната работа ја вршат постојаните воени претставници во седиштето на НАТО во Брисел.
Ова е вторпат генералот Ѓурчиновски, како началник на генералштабот да учествува целосно на едно редовно заседание на ова воено тело на НАТО, каде до полноправното членство ќе бидеме во улога на поканета членка.
Во ноември 2018 година ВК на НАТО одржа сесија во Скопје како еден вид поддршка и упатена порака за постигнатиот прогрес на Република Северна Македонија кон полноправното членство во НАТО.