Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски денес учествува на состанок на Воениот комитет (ВК) на НАТО во формат на началници на генералштабови на земјите членки на НАТО и земјите контрибутори во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан кој се одржува во командата на НАТО во Брисел.
Фокусот на средбата е запознавање на началниците на ГШ на армиите од земјите учеснички во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан со најновите информации поврзани со мисијата како и со последните достигнувања на засиленото трајно партнерство во Авганистан.
Главна тема на состанокот е моменталната безбедносна состојба и разгледување на плановите за реализација на мисијата „Одлучна поддршка“ со насоки за делување во 2016 година.
Генералот Величковски, кој за првпат од неговото поставување на должноста Началник на ГШ на АРМ, учествува на состанок на ВК на НАТО во овој формат истакна дека АРМ останува посветена во изградбата на мирот и стабилноста во Авганистан со нашето активно учество во мисијата „Одлучна поддршка“, каде АРМ учествува со повеќе штабни офицери и друг воен персонал.
На конференцијата, од страна на Алијансата уште еднаш беше искажана благодарност до Република Македонија и АРМ, за двегодишното учество и конкретниот придонес во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
На маргините од конференцијата, генералот Величковски оствари повеќе средби со негови колеги од армиите членки на НАТО и ПзМ.
Воениот комитет се состанува двапати годишно во седиштето на НАТО во Брисел, на ниво на началници на ГШ каде се разговара за операции и мисии на НАТО со цел да се обезбеди консензус базиран на воени совети за тоа како Алијансата може најдобро да се справи со глобалните безбедносни предизвици.