Во период од 31 мај до 12 јуни 2026 година, припадници на Баталјонот на Воена полиција (бВП), учествуваа на воено-полициска тактичка вежба „Platinum Wolf 26“ на полигонот „Боровац“ во близина на Бујановац, Република Србија.
Покрај припадниците на бВП, на воено-полициската вежба учествуваа и припадници од Србија, Босна и Херцеговина, Романија, САД, Обединетото Кралство, Италија, Црна Гора, Унгарија и Азербејџан, како и инструктори од Србија, Италија, Обединетото Кралство, Романија, со кои нашата Армија има воспоставено соработка од доменот на службите на Воена полиција. Вежбата имаше за цел да ја унапреди синхронизацијата и координацијата на способностите за изведување на воено-полициски задачи помеѓу армиите од земјите учеснички на вежбата.
Како и досега, припадниците на бВП со своето професионално и одговорно однесување придонесуваат за одлична можност за афирмација и подобрување на угледот на единицата, како и на Армијата во целост на меѓународно ниво.
За време на вежбата, припадниците на бВП, заедно со другите учесници реализираа обука на повеќе теми и тоа: процедури, тактики и техники во мировните операции, несмртоносно оружје, како и операции за поддршка на мирот. На вежбата беше демонстрирано високото достигнато ниво на интероперабилност и способност за интеграција во меѓународните сили при извршување на операции со висок интензитет.
Со учеството на припадниците на бВП на вакви мултинационални тактички вежби се овозможува подобро разработување на процедурите, тактиките и техниките во организирањето и изведувањето на воено-полициски задачи согласно НАТО стандардите.








