Делегација од МО на САД предводена од заменик помошникот на секретарот за одбрана на САД одговорен за Русија, Украина и Евроазија д-р Мајк Карпентер, денес оствари официјална посета на ГШ на АРМ и единици од составот на Здружената оперативна команда (ЗОК).
За време на престојот во МО и ГШ на АРМ делегацијата во чиј состав беше и директорот на европските партнерски сили за задача од европската команда на армијата на САД, бригаден генерал Вилијам Хал, оствари работен состанок со началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски.
На состанокот покрај презентацијата за активностите на АРМ поврзани со актуелната мигрантска криза, процесот на трансформација на АРМ и учеството во меѓународните мировни операции се разговараше и за меѓусебната билатерална воена соработка.
Генералот Величковски изрази благодарност за сеопфатната воена поддршка која САД континуирано ја дава во јакнење на одбранбените капацитети и подигнување на подготвеноста на АРМ преку програмите и иницијативите за опремување, зајакнување на интероперабилноста, како и поддршка при учеството на единици на АРМ на меѓународни воени вежби.
Претходно, за време на престојот во касарната „Страшо Пинџур“ делегацијата беше запознаена со мисијата и задачите на ЗОК и вежбовните активности со посебен акцент на неодамна завршената вежба „Анаконда-16“ на која АРМ учествуваше со 157 свои припадници.
АРМ и САД имаат развиено интензивна и конструктивна билатерална воена соработка која повеќе од 20 години дава свој придонес во процесот на интегрирањето на Република Македонија во евро-атланските структури.