Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија (АРМ), генерал потполковник Методија Величковски, во текот на вчерашниот ден во Лондон оствари официјална средба со Началникот на Генералштабот на Армијата на Обединетото Кралство, генерал Сер Николас Патрик Картер.
На средбата која е прва воопшто помеѓу Началници на Генералштабови на двете Армии, беа опфатени повеќе прашања меѓу кои: мигрантската криза и безбедносните закани за земјите од југоисточна Европа, можности за продлабочување на билатералната соработка преку изведување на заедничка обука и користење на капацитетите на АРМ (АП Криволак), евентуално заедничко учество во меѓународните мисии под знамето на ООН и друго.
Генералот Величковски искажа благодарност за логистичката поддршка која ја обезбедуваше ОК на нашиот контингент за време на заедничкото учество во мировната мисија „ИСАФ“, во која имавме единствена можност да ги претставиме нашите вооружени сили и нашата земја како сигурен и доверлив партнер, како и за овозможените школувања на офицери од АРМ на Воените Академии во ОК и Академијата за обука во Вишков, Република Полска.
Од двајцата соговорници беше потенцирана потребата за стратегиски важното партнерство помеѓу Обединетото Кралство и Република Македонија особено во актуелниот период на терористичките закани и мигрантската криза кои се актуелна закана за дестабилизирање на сите земји во Европа
Од страна на генерал Сер Николас Патрик Картер, беше искажана благодарност за придонесот која Армијата на Република Македонија ја дава во мисиите за поддршка на мирот предводени од НАТО и улогата во справување со мигрантската криза и се согласи со искажувањето на генералот Величковски за потребата од интегрирање на Македонија во НАТО алијансата.
Во текот на денот Генералот Величковски оствари средба и со Амбасадорот на Република Македонија во Велика Британија, г-дин Јован Донев на која се разговараше за актуелната безбедносна ситуација и за претстојниот Самит на НАТО во Варшава.
За време на престојот во ОК делегацијата на АРМ ќе ги посети и Одбранбената Академија во Шривенам и Кралската Воена Академија Сандхурст во Камберли, каде ќе присуствуваат на церемонијата „парада на сувереноста“ која се одржува по повод завршување на школувањето на старешините во оваа академија.