Припадниците на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ), од составот на Командата за Операции (КО), со воена свеченост согласно армискиот Протокол и со целосно придржување на мерките и препораки за спречување на ширењето на вирусот „Ковид 19“, во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец го одбележаа 10 јуни-Денот на единицата.
Командантот на единицата, полковник Стојко Пејовски во своето обраќање пред стројот го истакна значењето на оваа единица во одбранбениот систем на државата, низ изминативе години од нејзиното формирање, како и за понатамошните очекувања за развој на военото воздухопловството на Армија која е полноправна членка на НАТО Алијансата.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во своето обраќање се осврна на развојот на единицата и на достигнувањата во последните три години на планот на подобрување на условите за работа, како и за полноправното членство во НАТО.
Во рамки на свеченоста, се релизираа прелети на воздухоплови од составот на единицата, како и прелет од два авиони Ф-16, на грчкото воено воздухопловство, кои го изведуваат редовното воздушно патролирање на НАТО кое започна со нашето полноправно членство.
Пред стројот се прочитаа честитки по повод денот на единицата, а на припадници од единицата кои се истакнале во работата се доделени стимулативни мерки, а баталјонот за воздушно набљудување и јавување беше прогласен за најдобра единица од составот на вВИНГ во изминатата година.
На свеченост која се оддржува во специфични услови и со смалена бројна состојба поради ангажирањата на припадниците на Армијата во спречување на ширењето на вирусот, со своето присуство како симболична поддршка за напорите кои ги прават припадниците на Армијата во спроведување на овие мерки дадоа министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на КО и неговиот заменик, генералите Арсоски и Јордев.
Во знак за поддршка на нашето членство во НАТО и поддршка на оваа единица, која е директно вклучена во координирање на летовите преку интегрираниот комуникациски систем со НАТО за воздушно патролирање, на свеченоста присуствуваа и амбасадорот и военото аташе на Република Грција, како и шефот на канцеларијата за врски на НАТО. Претходните денови припадниците на вВИНГ реализираа и крводарителна акција, на која се донираа 41 крвна единица.
10-ти Јуни е одреден за ден на воздухопловниот ВИНГ, во сеќавање на денот кога 1992 година е извршен првиот лет со сопствен воен воздухоплов. Од почетокот оваа единица беше составена од авијациска бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон по што во 2005 година беше трансформирана во помала, покомпактна единица наречена ВИНГ, која фигурира до 2012 година кога се формира воздухопловна бригада, која согласно стандардите на НАТО повторно формациски е поставена како воздухопловен ВИНГ.