Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Вооружените сили Н.Е. Стево Пендаровски, денес ја оствари својата прва работна посета на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.
По пречекот со воени почести, Претседателот Пендаровски оствари работна средба со Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и Началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, каде со највисоките воени и цивилни авторитети од министерството и генералштабот се разговараше за клучните чекори кои следат за подготвеноста кон полноправното членство во НАТО.
По средбата во изјавата за медиумите претседателот Пендаровски изјави дека тесно ќе соработува со министерството за одбрана и генералштабот и во потполност ќе се вклучи во изнаоѓање на решенија на проблемите и предизвиците со кои ќе се соочуваат овие две институции. „Во Армијата мора да се вложува, пред се во професионалните стандарди, како и во животниот стандард на војниците кое мора да биде приоритет. Ги охрабрувам припадниците на армијата, војниците, подофицерите и офицерите да работат на свое усовршување, а обврска на лидерите во институциите е тоа да им го овозможат“ истакна Врховниот командант.
Претседателот Пендаровски за време на оваа посета оствари и одвоени средби со министерката Шекеринска и со Началникот на генералштабот и генералите во Армијата, по што следуваше обиколка на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје и Канцеларијата за одбранбена соработка.