Долгогодишната соработка на Армијата на Република Македонија (АРМ) со Црвениот Крст на Република Македонија (ЦК на РМ), уште еднаш дојде до израз на денешната заедничка вежба за животоспасувачи.
На вежбата која се реализира како дел од активностите за одбележување на 25 години од постоењето на АРМ, се покажа високо ниво на координирани активности на припадниците на АРМ и волонтерите на Црвениот крст во спасување на животи при замислена кризна ситуација.
Воедно ова беше завршен практичен тест на четиринеделната обука за животоспасувачи на припадници од единиците на АРМ и волонтери од Црвениот крст која се изведуваше во центарот за медицинска обука во воено медицинскиот центар на АРМ.
Прикажаните постапки во замисленото сценарио при укажување на прва помош на полесно и потешко повредени од експлозивна направа, сопирање на крвавења, имобилизација на повредите, извлекување, тријажа и евакуација до повисоките здравствени установи, во потполност ја оправдаа подготвеноста на учесниците во справување со вакви ситуации.
Вежбата е уште една потврда на меѓусебната успешна долгогодишна соработка на АРМ и Црвениот крст која се манифестира и низ повеќе облици на активности, како учество на заеднички вежби, крводарителни акции, како и соработка во реални ситуации при справување со последиците од елементарни непогоди и нивни попратни појави
Ова беше и истакнато во обраќањата на Заменик на Началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај, генералниот секретар на ЦК на РМ г-дин Саит Саити и бригадниот генерал Павле Арсоски како носители на активноста.
Заедничката вежба беше проследена од поголем број на претставници од АРМ, Црвениот крст на Република Македонија и претставници од цивилните здравствени организации.