Денес, 10-ти октомври 2013 година, заменикот на министерот за одбрана Емил Димитриев ги прими во посета на касарната „Јане Сандански“ во Штип, децата од градинката „Гоце Делчев“ од Пробиштип. Посетата на децата од Пробиштип се реализира во рамките на цивилно-воената соработка и во знак на одбележувањето на Светската недела на детето.
Заменикот на министерот за одбрана Димитриев го истакна значењето на соработката помеѓу АРМ и цивилните структури, нагласувајќи дека ваквите посети се во функција на градење на љубовта кон татковината од најмала возраст, изразувајќи задоволство што денес касарната во Штип е домаќин на дечињата во кои гледа и идни припадници на АРМ.
Децата од градинката „Гоце Делчев“ од Пробиштип имаа можност да се дружат со припадниците на АРМ од касарната „Јане Сандански“ во Штип, да разгледаат дел од опремата и просториите во кои се одвива животот и работата во оваа касарна.