Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски со денешната обиколка на касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп и минатонеделните обиколки на касарните во гарнизоните Штип, Куманово и Петровец ја заврши планската годишна активност за информирање на припадниците на единиците на Армијата сместени во овие гарнизони.
Генералот Ѓурчиновски пред припадниците на единиците лоцирани во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп и овојпат оддаде признание до сите припадници на Армијата за залагањата и професионалноста при нивниот ангажман во кризната состојба во справување со пандемијата со вирусот „Ковид-19“. Притоа истакна дека оправдувањето на стекнатата доверба на Армијата кај граѓаните секогаш и на секој армиски припадник треба да остане врвен приоритет, заедно со извршувањето на дадените уставни обврски во служба на татковината.
Како и во останатите касарни во кои претходно началникот на Генералштабот изврши обиколка, припадниците на единиците беа информирани со актуелниот ангажман на Армијата, приоритетите и очекувањата во следната година.
Началникот на Генералштабот ги обиколи и изврши информирање на припадниците на единиците на Армијата стационирани во касарните: „Чеде Филиповски-Даме“ во Кичево и во касарната „Илинден“ во Скопје во месец ноември и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово, слушателите на курсот за подофицери, кој се реализира од Командата за обука и доктрини во центарот за обука во Пепелиште и „Јане Сандански“ во Штип, „Боро Менков” во Куманово и “Страшо Пинџур” во Петровец, кои ги посети во декември.