Заменикот на началникот на Генералштабот (ЗНГШ) на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај, во период од 08-10 јуни, во Сараево, БиХ учествува на годишниот состанок на замениците на началници на Генералштабови во рамките на процесот на соработка меѓу Министрите за одбрана на Југоисточна Европа (СЕДМ). Суштината на СЕДМ процесот е јакнење на разбирањето и политичко воената соработка во регионот со цел подобрување на стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа.
Замениците началници на СЕДМ-земјите и претставниците од меѓународните организации дискутираа за прашања од заеднички интерес, ги осудија сите терористички напади кои неодамна се случија во различни делови од светот, потенцирајќи ја потребата за организирано и обединето настапување во борбата против тероризмот и екстремизмот, кои претставуваат заеднички закани на меѓународниот мир и безбедност. Исто така ги поздравија и напорите/придонесот на земјите кои се вклучени при справувањето со масовната емигрантска криза.
На состанокот беа разменети информации за постигнатите резултати, со посебен осврт на активностите на Бригадата на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ) која се докажа како ефикасен механизам и платформа за соработка меѓу земјите учеснички, активно придонесувајќи во текот на сите овие години за безбедноста, соработката во рамките на СЕДМ процесот посебно во однос на вклучувањето на СЕЕБРИГ во разни активности, обука и операции.
ЗНГШ на АРМ, во своето обраќање нагласи дека Република Македонија како членка на СЕДМ процесот, е вклучена во голем број регионални иницијативи со што ја потврдува својата посветеност на градењето цврста регионална соработка давајќи го нашиот придонес кон трајна стабилност во регионот и негово целосно интегрирање во евроатланските структури.
Генералот Рацај, истакна дека сите земји од регионот на Југоисточна Европа се соочуваат со слични безбедносни предизвици и истите треба да се третираат преку заеднички и ефективни активности. Во таа насока развојот на СЕДМ Стратегискиот преглед ќе ни помогне да ги идентификуваме насоките за поефикасен начин на работа во процесот и на тој начин соодветно да одговориме на комплексноста од современите безбедносни предизвици. Исто така, нагласи дека Армијата на Република Македонија останува доследна на своите ставови по однос на учеството во СЕЕБРИГ, како силен регионален капацитет во рамките на овој процес, како и учеството во мировните операции предводени од НАТО, ЕУ или ООН.
Во склоп на состанокот генералот Рацај оствари билатерални средби и размени видувања и искуства со своите колеги од армиите на БиХ и Црна Гора кои учествуваа на конференцијата.