ЈУБИЛЕЈ 25 ГОДИНИ АРМИЈА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Хронологија на активностите за одбележување на јубилејот
Чествувањето на 25 годишниот јубилеј на Армијата на Република Македонија се одвиваше во сложени услови и скромни финансиски средства, издвоени од вкупно предвидените средства за редовно функционирање на АРМ без посебно одредени средства за таа намена, од причина што истиот не беше во Програмата за одбележување значајни датуми и настани во 2017 година.
Јубилејот беше достоинствено одбележан со низа активности и претставување пред јавноста на Република согласно направениот План на активности за одбележување на 25 години од формирањето на АРМ од страна на ГШ на АРМ, кој го даде фокусот на одбележување на сите позначајни настани од историјата на АРМ.
Тежиште на активностите беше дадено на одбележувањето на деновите на единиците, на позначајните историски настани поврзани со формирањето на АРМ и на претходно планираните активности за 2017 година од кои поважни беа поголемите вежбовни активности и 21-та конференција на началниците на генералштабови на САД-Јадранската повелба (А-5).
Активностите започнаа во февруари со изработка на идејно решение за лого за јубилејот од страна на ГШ на АРМ кое ја одразуваше симбиозата на симболот на АРМ со државотворните симболи како отсликување на уставотворната функција на АРМ.
Истото по процесот на одобрување се користеше во текот на целата година во сите документи за препис, на веб страницата на АРМ, при изработка на банери и флаери кои се користеа за време на активностите на единиците на АРМ во кои беше вклучена и јавноста и како најистакнато, со поддршка на АД Македонски пошти со логото за првпат во македонската филателистичка историја се изработи поштенска марка на АРМ.
Како поважни активности поврзани со формирањето на АРМ кои се одбележаа со присуство на јавноста и соодветно медиумско претставување беа : преземањето на првата караула „Рамна Нива“ и контрола на целата државна граница, на најголемиот воен објект касарната „Илинден“ и пристигнување на првиот воен обврзник во АРМ. На активностите присуствуваа и дел од учесниците на настаните од тоа бурно време, а на одбележувањето на преземањето на караулата „Рамна Нива“ присуствуваше и имаше свое обраќање и Врховниот командант на армијата, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Од поважните активности кои беа претходно планирани, а на истите им се даде посебен акцент во оваа јубилејна година, беа: изведувањето на заедничката воена вежба со силите на командата на САД за Европа, вежбата „Драгун Гардијан“ на армискиот полигон „Криволак“ во период од 28.07 до 10.08.2017 година каде на денот за високи гости присуствуваа највисоките воени и државни раководители и претставниците од странските амбасади и вежбата „Македонски блесок 13“ на која се изврши НАТО реоценување на средната пешадиска баталјонска група и НАТО оценување Ниво 2 на ренџерска чета во согласност со каталогот за здружени капацитети и способности на НАТО.
Централно место во одбележување на јубилејната година на АРМ беше централната свеченост по повод 18 Август, Денот на Армијата на Република Македонија на која и претходеа одржување на тактичко технички збор за јавноста во Скопје и во сите гарнизони каде се сместени единиците на АРМ.
Централната прослава на која и претходеа сеопфатни подготовки се реализира на воениот стадион во градскиот парк во Скопје во вечерните часови со интеракција и меѓусебно дружење со цивилното население кое имаше можност покрај воената опрема и техника да проследи настап на професионални ди џеј музичари.
На прославата свое обраќање имаа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој воедно за постигнати резултати во одбраната ги одликува со Орден за воени заслуги баталјонот за почести и 4. механизиран пешадиски баталјон од 1. механизирана пешадиска бригада.
Сите реализирани активности во јубилејната година беа проследени со голем интерес во јавноста за што сведочат и дваесет и едно гостување на припадници на АРМ на национални ТВ медиуми и две на локални ТВ медиуми, две телевизиски и две новинарски репортажи, а 36 од вкупно реализираните 59 активности беа медиумски проследени на национално или локално ниво.
ЈУБИЛЕЈ „20-ГОДИНИ АРМИЈА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“
Хронологија на имплементацијата на активностите од Годишната програма Чествувањето на јубилејот е можност да го согледаме дводеценискиот развој на нашата армија, која започна да функционира во крајно тешки и сложени политички и воени услови, со скромни средства, кога практично се започнуваше од почеток. Со бројни пригодни активностите, Армијата на Република Македонија достојно го одбележи јубилејот „20 години АРМ“. При планирањето на активностите и нивната реализација во целост беа почитувани појдовните насоки и инструкции во делот на достапноста до вработените во министерството за одбрана и армијата, граѓаните на Република Македонија и меѓународната јавност, а посебен акцент беше даден на медиумско покривање на настаните. За успешна реализација на активностите, со Решение на Министерот за одбрана и Наредба на НГШ на АРМ се формирано Координативно тело кое ги менаџирање активностите во процесот на подготовки и реализација. Почнувајќи од 19.02.2012 година, по успешната промоција на годишната програма, реализирани се следниве активности:
- Промоција на активностите од Годишната програма, логото на јубилејот „20 години АРМ“ и изработена промотивна брошура. Извршено ажурирање на интернет страница на МО со промотивната брошурата и логото,
- Одредени се носители за секоја поединечна активност од МО и АРМ и воспоставен систем на комуникација, координација, известување и меѓусебна размена на информации,
- Иницирани постапки за обезбедување на предвидените материјално технички средства за покривање на трошоците за реализација за секоја активност посебно, координативните состаноци се реализира по потреба и според договорената динамика, насоките од раководната структура на МО и ГШ беа благовремени и во функција на успешна реализација на активностите,
- Остварени координативни состаноци со градоначалниците на Штип, Берово, Кавадарци, Куманово, Кичево и Тетово. На средбите покрај промоцијата на клучните активности од годишната програма, посебен осврт беше даден на активностите кои посредно или непосредно се поврзани со локалните самоуправи (предавања во основни и средни училишта, отворени денови во касарните, подготовки за одржување на подофицерски кросови, активно учество на екипи од локалната самоуправа во сѐармиските спортски натпревари, организирање на национална стручна трибина, одржување на промотивни концерти на воениот оркестар и разгледување на можностите за отстапување на рекламен простор во централните делови на градовите),
- Конференцијата на министри за одбрана на САД-Јадранска Повелба „Заеднички предизвици и здружени решенија“, се реализира во период од 28 до 30.03.2012 година во Скопје. Армијата на Република Македонија беше вклучена во активностите од административно протоколарниот карактер. Сите задачи и обврски реализирани плански, квалитетно и според барањата на носителот на активноста,
- Успешно промовирана нова химна на Армијата и најавни фанфари.
- Целосно комплетирани постапките за измена и дополнување на државниот закон за одликувања со предлог медали за припадниците на безбедносните сили и Правилникот за признанија на Армијата на Република Македонија (документите објавени во службен весник на Република Македонија и се во сила),
- Планираниот меѓународен биатлон се реализира плански и според дадените насоки и инструкциите во месец февруари 2012 година во градот Крушево,
- Пристигнувањето на првите регрути во Армијата на Република Македонија плански и организирано се реализира на 12.04.2012 година. Претставник од ГШ на АРМ учествуваше на одбележувањето во гарнизонот Кичево, каде официјално е пристигнат првиот регрут,
- Активноста „20 садници за 20 години АРМ“ се реализира во сите гарнизони на АРМ. Централната активност се реализира во кругот на МО и ГШ на АРМ на 12.04.2012 година со присуство на поранешни и активни генерали, воените аташеи акредитирани во Република Македонија и раководителот на НАТО советодавниот тим и претставници од раководната структура на МО на РМ.
- Планираната меѓународна меѓународна научно-стручна конференција на тема: Улогата на активниот состав и на резервата на вооружените сили во поддршката на нивните мисии и задачи во регионалната и глобалната безбедносна средина во 21-от век, се реализира на 23.04.2012 во Домот на Армијата на Република Македонија во Скопје. Подготовките се реализираат плански и координирано со Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија,
- Сѐармиските спортски натпревари по гарнизони со вклучување на една до две екипи од локалните самоуправи се реализирани во целост. Финалните и ревијалните натпревари се реализира во гарнизонот Скопје,
- Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија ја реализира втората активност – национална стручна конференција во повеќе градови на Република Македонија на тема „Армија на Република Македонија 1992-2012“, формирање, развој и предизвици.
- Изработен каталог на предвидените МТС за централната манифестација, односно за свечено дефиле и воена парада во касарната Илинден.
- Медиумското покривање се реализираше плански и според насоките на раководната структура и одговорните во МО и ГШ на АРМ за односи со јавноста,
- Во соработка со одговорните, односно носителите на активностите од МО на РМ се реализираа плански и координирани подготовки за издавање на Бела книга на одбраната и празнично издание на списанието Штит,
- Воениот оркестар плански ги реализира промотивните концерти во повеќе градови во Република Македонија. Турнејата на воениот оркестар се предвидува да финишира со голем концерт на плоштадот Македонија во Скопје. Во соработка со локалните самоуправи добиена согласност и понудени можни локации за одржување на концертите,
- Реализирана хуманитарна акција за донирање на облека и обувки од вработените во АРМ,
- Акција за доброволно дарување на крв,
- Отворени денови во касарните-упатување покана до основните и средните училишта за посета на единиците низ Македонија,
- Централен тактичко-технички збор на Воениот стадион во Скопје,
- Свечена академија и прием проследен со концерт на воениот оркестар и доделување на одликувања и признанија за посебни заслуги од интерес на Армијата.
Централна манифестација во касарната Илинден – 18.08.2012 година.
Во касарната „Илинден“ во Скопје по повод Денот на Армијата на Република Македонија и јубилејот „20 години АРМ“ во парада предводена од началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески беа претставени единиците на Армијата на Република Македонија. Пред државно-воениот врв – претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, Претседателот на Собранието Трајко Вељановски, Премиерот Никола Груевски, министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими и останатите членови на Владата, воено дипломатскиот кор акредитиран во Република Македонија, како и пред многубројните граѓани, продефилираа ешалони од сите родови на АРМ и ешалон припадници на Армијата на САД.
Военото воздухопловство, односно Воздухопловната бригада како атрактивен сегмент од Армијата на Република Македонија, беше претставена од борбено-транспортните хеликоптери Ми-24, транспортните хеликоптери Ми-8/17 и авионите Злин 242Л.
Претставувањето, пак, на над 100 воено-технички средства и возила кои се дел од вооружувањето на Армијата на Република Македонија започна со ешалон возила од родот врски, опремени со модерни и високософистицирани комуникациско-информатички средства, а по нив следеше ешалон борбени возила „Хамви“, средства за против-воздушна одбрана, главно ракетните системи „Стрела 10“ и „Игла“, ешалон оклопни транспортери „Хермлин“ и ешалон артилериски средства – хаубици од 105 mm, 122 mm, повеќецевниот лансирен ракетен систем БМ-21 „Град“ и повеќецевните лансирни ракети „Пламен“.
Артилериските средства беа следени од оклопни транспортери БТР-80 и БМП-2, а она што предизвика огромен интерес, секако, беше ешалонот тенкови Т-72 кое поседува голема огнена моќ и маневарски способности во таа мера што претставува ударна сила во борбените дејства.
Со повторен прелет на воздухопловите во составот на Армијата на Република Македонија, официјално беше завршена парадата по повод Денот на Армијата и јубилејот „20 години АРМ“.
Приказот на високо софистицираните средства, како и професионалните припадници на АРМ докажа дека Армијата во текот на двете декади постоење успева да одржи континуиран раст и напредок, факт кој е потврден и преку несебичната контрибуција на припадниците на АРМ во меѓународните мировни мисии во светски рамки.
Одбележување на 10-годишен јубилеј
Со пригодни свечености ширум земјава, одбележан 10-годишниот јубилеј на Армијата на Република Македонија. Централната прослава се одржа во касарната „Илинден“.
Поздравен говор одржа претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили на АРМ, Борис Трајковски, кој им оддаде признание на припадниците на Армијата за нивната бескомпромисна борба против тероризмот. На Македонија и е потребна модерна, мобилна, добро обучена и современо опремена армија. Таа им е потребна на колективните безбедносни системи, на целата меѓународна заедница и на интернационалната антитерористичка коалиција.
Со голем ентузијазам, со љубов кон своето и кон исконското, пред десет години македонската одбрана се осамостои и се формираше Армијата на Република Македонија. Бидејќи не сме дрво без корени, за ден на АРМ беше прогласен 18 август, денот кога беше формирана првата покрупна единица во НОВ, баталјонот „Мирче Ацев“. Се почна скромно, речиси без опрема, но со добро обучени старешини и со војници-регрути кои ги полнеа македонските касарни. Денес, десет години потоа, Армијата на Републиката е армија за почит. АРМ израсна во мала, но современа, професионална армија, со добро обучени старешини и војници и опремена според НАТО стандарди. Со својот квалитет, со организираноста, со обученоста и со опременоста, АРМ, всушност со една нога веќе е во НАТО.
Таа гордост, тоа чувство на растење и израснување во мала, мобилна во вистинска професионална армија, кај бранителите на независноста и на нашиот територијален интегритет, кај првите што застанаа на браникот на одбраната на татковината, провејуваше на достоинственото одбележување на Денот и на десетгодишнината на Армијата на Република Македонија ширум земјата. Централната прослава се одржа во касарната „Илинден“, а слично беше и во касарните во Битола, во Тетово, во Штип…
На свечената воена церемонија во касарната „Илинден“ во Скопје присуствуваа претседателот на РМ и врховен командант на вооружените сили, Борис Трајковски, министерот за одбрана Владо Поповски, началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методи Стамболиски, поранешниот и прв претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, голем број граѓани, досегашни министри за одбрана и началници на Генералштабот, како и претставници на дипломатскиот кор и на меѓународните мисии на Македонија.
По предавањето на рапортот од страна на командантот на свеченоста, бригадниот генерал Драган Андрески, на паднатите борци од НОБ и на загинатите припадници на македонско безбедносните сили во одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, им беше оддадена почит со едноминутно молчење.
Обраќајќи се пред стројот на старешини и војници и пред присутните на свеченоста, претседателот и врховен командант на вооружените сили на РМ, Борис Трајковски нагласи дека во воените операции од 2001 година, Армијата на Република Македонија имаше и загуби кои никогаш не смееме и нема да ги заборавиме. „Нашата обврска е да ја доизградуваме и уште повеќе да ја зацврстуваме Армијата на Република Македонија што е долг и кон нивната жртва“, истакна Трајковски.
„Армијата како војска на сите граѓани и натаму мора да опстои во својата трајна определба постојано да придонесува за враќање на мирот и довербата меѓу граѓаните“, рече Трајковски додавајќи дека “конечно, глобалната закана од тероризмот покажа дека државите, независно од нивната моќ, не можат самостојно да се борат против него”.
„На Македонија и е потребна модерна, мобилна, добро обучена и современо опремена армија. Таа им е потребна на колективните безбедносни системи, на целата меѓународна заедница и на интернационалната антитерористичка коалиција“, оцени шефот на државата, додавајќи дека нејзината основна задача е одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата. „Тоа е рамката во која треба да се разгледуваат сите активности на оваа институција. Треба јасно и гласно да кажеме дека таа треба да биде организирана и подготвувана да одговори на нејзината функција“, посочи Трајковски. За да се соочи со предизвиците, АРМ мора да биде целосно подготвена, што подразбира доволно финансиски средства и стручно знаење. „Прашањето на знаењето и на употребата на нивото на подготвеност е од исклучително значење, потенцираше Трајковски, бидејќи Армијата на Република Македонија ќе биде дотолку подобар бранител на мирот и безбедноста, доколку биде подобро употребувано знаењето во оформувањето на нејзиниот човечки и материјален потенцијал“. Според Трајковски, потребен е образовен воен кадар кој ќе изготвува навремени проценки за новите ризици и кој ќе има најоптимален одговор на тоа. Шефот на државата и врховен командант на вооружените сили, на прашањето за прием на Република Македонија во НАТО, изрази уверување дека самитот во Прага во ноември годинава ќе биде момент од вонредно значење за безбедноста, за просперитетот и за иднината на Македонија, додека пак Армијата со бескомпромисно продолжување на започнатите реформи само ќе и помогне на политиката во одбрана на аргументите дека нашето место е во евроатланското семејство, а не надвор од него.
„Само таквиот пристап ќе овозможи остварување на основните приоритети во трансформацијата и во модернизацијата на Армијата, како и нејзиното оспособување за учество во мировните мисии во кризните подрачја во рамките на мултинационалните мировни сили“.
По говорот на претседателот Трајковски се одржа и свечено дефиле на ешалоните на гарнизоните во земјата меѓу кои беа и ешалоните на специјалните сили „Волци“, „Скорпиони“ и „Леопарди“, ешалоните од видот на Копнената војска на Република Македонија и од ешалоните на припадниците на Военото воздухопловство и Противвоздушната одбрана на АРМ, од центрите за обука во Велес и во Битола и од питомците од Воената академија.
Учесниците на прославата со големо внимание разгледаа и дел од изложеното современо оружје со кое располага македонската армија. По повод десет годишниот јубилеј, беа прочитани укази, наредби и пофалби за припадници од Министерството за одбрана и од АРМ. Меѓу другите средства на АРМ, ги издвојуваме пешадиските современи средства од командата на КоВ, тенковите „Т-72“ и „Т-55“, оклопниот транспортер „БТР М-80“, хаубиците од 155 и 122 мм, потоа системите „Град“, „Стрела 10“ и „Игла“, моторните возила со уреди за врски, како и
моторните возила за превоз на луѓе, работилницата, кујната со автоприколка и санитетско возило.
Оваа, најнова опрема на АРМ, со која ракуваат добро обучени, пред се, професионални војници, на најдобар начин говори за растењето на македонската армија, за нејзиниот пат кон зенитот, односно кон НАТО и кон колективните системи за одбрана. Верните и храбри бранители на нашиот територијален интегритет, чуварите на нашиот мир, беа и останаа први на браникот на независноста на нашата земја.
Пригодни свечености во Битола, Тетово, во Штип …
По повод Денот на Армијата на АРМ на Република Македонија и одбележувањето на 10-годишнината од нејзиното одржување, во касарната „Кузман Јосифовски – Питу“ во Тетово се одржа пригодна свеченост.
По тој повод, во присуство на претставници на општинската боречка организација, од македонската полиција и од месните заедници, беше извршено свесно постројување на единицата. На свеченоста, за улогата и за знаењето на Денот на АРМ, како и за нејзината 10-годишнина, зборуваше бригадниот генерал Јосиф Богоевски. За особено залагање и придонес во остварувањето на задачите на АРМ им беа доделени признанија и награди, а некои беа свечено унапредени во повисок чин.
Денот на Армијата на Република Македонија беше одбележан и во касарната “Јане Сандански” во Штип, каде говореше командантот на единицата во Штип,бригадниот генерал Милорад Стојановски. Тој истакна дека 18 Август е еден од најсветлите датуми во историјата на македонскиот народ, поради тоа што токму на денешниот ден пред 59 години, на Славеј планина е формирана првата воена формација. „По осамостојувањето на Република Македонија овој ден се слави како Денот на АРМ, која ги одбележува десетте години од нејзината самостојност, унапредувањата и следење на сите современи текови во областа на одбраната“, рече Стојановски.
Во чест на Денот на АРМ, во Алејата на народните херои, припадници на Армијата, на локалната самоуправа и на Сојузот на борците од НОВ од Штип положија цвеќиња на споменикот на првиот македонски генерал и командант на вооружените единици на Македонија за време на Втората светска војна, Михаило Апостолоски. Цвеќињата беа положени и на Споменикот на паднатите припадници на АРМ за време на минатогодишните судири.
По повод 18 Август – Денот на Армијата на Република Македонија, во кругот на касарната „Стефан Наумов-Стив“ во Битола е откриено спомен-обележје на загинатите бранители на АРМ во минатогодишните судири со албанските терористи. Беше положено цвеќе и на спомен бистата на херојот Стив Наумов, поставена во кругот на касарната, а командантот полковник Тошо Ампевски, во Домот на АРМ во Битола говореше на свечениот собир пред вработените и пред другите гости – учесници на манифестациите организирани од страна на корпусот. Како што беше истакнато по тој повод, „храброста и пожртвуваноста на бранителите ќе останат траен патоказ за тоа како треба да се брани самостојна и суверена независна Македонија“.
Говор на министерот Поповски
На браникот на независноста на земјата
„Во 1992 година, донесен е Закон за одбрана, на 15 април се формира АРМ, а на „Рамна нива“ почна чувањето на границата на Република Македонија. АРМ е еден од главните носители на функцијата за чувањето на независноста и на територијалниот интегритет на државата“, потсети министерот за одбрана Владо Поповски, по повод десетгодишниот јубилеј од развојот и Денот на Армијата на Република Македонија, 18 Август.
Навраќајќи се на почетоците на формирањето на Армијата, министерот Поповски истакна дека е стартувано со десет илјади автоматски пушки, со неколку десетици илјади пушки М-48, а помало количество оружје од кус и среден дострел, како и со голем број професионални кадри.
„Во овие десет години, нагласи тој, можеме да забележиме континуиран процес на реформа, на опремување и на оспособување на АРМ со цел делотворно да ја брани земјата“.
„Минатата година за време на воената криза АРМ застана на браникот на независноста на земјата и го интензивираше темпото на создавање на својата организација по стандардите на НАТО“, рече Поповски додавајќи оти се прават максимални напори целосно да се достигнат стандардите за членство во Алијансата.
Говор на Премиерот Георгиевски
Вистинска храброст
„Одбележувањето на 18 Август, Денот на Армијата на Република Македонија, оваа година има посебно значење, бидејќи изминаа 10 години од формирањето на нашата Армија“, се вели во честитката што по повод одбележувањето на Денот на Армијата ја испрати претседателот на Владата на Република Македонија, Љубчо Георгиевски.
„Десет години не се долг период за да се постигнат големи резултати во развојот на системот на одбраната, но според она што го постигна нашата армија, можеме да бидеме горди на вашите големи успеси.
Изминатите десет години, а особено изминатите две, безбедносните сили на Република Македонија покажаа вистинска храброст во бранењето на независноста и на територијалниот интегритет на земјата, во одржувањето на внатрешниот мир и стабилност“.
Одбележување на 5-годишен јубилеј
Петгодишниот јубилеј од формирањето и Денот на АРМ беа повод за одржување на централната манифестација на 18 август 1997 година во најголемата касарна „Илинден“ во Скопје. Во присуство на највисоките државни и воени претставници, многубројни гости од дипломатскиот кор и политичкиот и јавниот живот во државата, како и пред неколку илјади граѓани, манифестацијата на одбележувањето ја отвори министерот за одбрана д-р Лазар Китаноски, а пред присутните говореше претседателот на Републиката и Врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, Киро Глигоров.
Согласно трансформацијата на АРМ според стандардите на армиите од Алијансата, свеченоста беше пригода и за промоција на првите бригадни генерали, како и на поручниците за службите во АРМ. Како и што доликува, свеченоста го имаше најатрактивниот дел во дефилирањето на воените ешалони од сите родови и видови на АРМ. При тоа, како уште еден чекор кон приближувањето на нашата армија до стандардите на НАТО, беше промовиран предлогот за новиот параден чекор во АРМ. Манифестацијата заврши со потпишувањето на свечената обврска од страна на регрутите од јулскиот контингент.