Во периодот од 10 до 11 јуни 2026 година, Армијата беше домаќин на Шестата Конференција за генерирање на сили (Force Generation Conference) за НАТО активноста „Forward Land Forces“ (FLF) во Република Бугарија. Конференцијата се одржа во објектот „Клуб на пратеници“ во Скопје. На отворањето на Конференцијата, директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Орце Јордев ја истакна важноста на заедничките напори и придонесот на сојузничките и партнерските армии во зачувувањето на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот и пошироко.
На маргините на конференцијата, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со генерал-мајор Никола Пјазенте, заменик-началник на одделот за планирање и вежби во Здружената оперативна команда на Италија. На средбата беше потврдена високата подготвеност и координираност на заедничките сили за ефикасен одговор на современите предизвици.
Армијата продолжува активно и посветено да учествува со свои сили и средства во операциите, мисиите и активностите предводени од НАТО, во чиј мандат спаѓаат и истурените копнени сили на источното крило на Алијансата.
На конференцијата, покрај претставници на вооружените сили на Република Италија како водечка нација, во рамките на активноста учествуваа и претставници на вооружените сили на Романија, Албанија, Бугарија, Црна Гора, Грција и Словенија, како и претставници од командните структури на НАТО.
Организирањето на оваа конференција претставува уште една цврста потврда за активната улога на Армијата во исполнувањето на обврските во рамките на Алијансата и континуираниот придонес кон зајакнувањето на колективната безбедност и одбрана.








