Во касарната „Алексо Демниевски – Бауман” во Велес се реализираше воена свеченост по повод давање заклетва на војниците на доброволно служење воен рок од генерацијата „Февруари 2017 година“ и Слушателите на курсот за офицери за служби во АРМ.
Триесет и првата генерација војници на доброволно служење воен рок брои 54 војници од кои 6 се припаднички од понежниот пол, а истовремено заклетва дадоа и 18 слушатели на курсот за офицери, од кои 9 се припаднички на понежниот пол.
На свеченоста присуствуваа: Заменикот началник на ГШ на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај, Државниот секретар во Министерството за одбрана, г-ѓа Елизабета Чуповска Ристова, Заменикот командант на Здружената оперативна команда, бригаден генерал Павле Арсоски, претставници од командите и единиците на АРМ, претставници од локалната самоуправа, претставници од верските заедници, роднини на војниците како и други гости.
Во своите обраќања Државниот секретар на МО, г-ѓа Елизабета Чуповска Ристова и Заменикот началник на ГШ на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај им ја честитаа дадената заклетва на војниците и на слушателите за офицери, посакувајќи им успех во обуката во редовите на АРМ. Воедно им порачаа дека воената професија е предизвик, чест и гордост за младиот човек и дека нивната задача е да научат што е можно повеќе од тајните на воената вештина.
Командантот на Центарот за индивидуална обука, потполковникот Газменд Абдиу во своето обраќање кон војниците порача дека во наредниот период им претстои напорна работа во совладувањето на планираните содржини од обуката. Тој посочи дека со служење на воениот рок се отвора можноста за надградба во воената професија и се креира база за понатамошна селекција во професионалниот состав на Армијата на Република Македонија. Знаењата со кои ќе се стекнат и вложениот труд секако дека понатаму ќе бидат вреднувани и ќе бидат еден од клучните елементи за сите оние кои ќе изберат својата идна професија како професионални војници и старешини во редовите на Армијата на Република Македонија.