Согласно годишниот план за работа на Командата за обука и доктрини за 2019 година во Центарот за индивидуална обука заврши реализација на обуката на курсот за прв подофицер. Овој курс успешно го завршија 14 подофицери припадници на Армијата.
Целта на курсот е слушателите да се запознаат со должностите и одговорностите на првиот подофицер во чета. За време на реализација на обуката слушателите се стекнаа со нови знаења меѓу кои и: спроведување на персоналниот менаџмент и администрацијата во единицата, запознавање со концептот за професионален развој на подофицери во армијата, справување со стрес и стресни ситуации, мотивирање на потчинетите, дисциплината и моралот во единицата како и знаења од областа на меѓународното хуманитарно право и законот за вооружен конфликт, структурата на НАТО и други прашања поврзани со војниците и подофицерите.
За време на свечениот завршеток за успешно завршена обука на курсот, командантот на Центарот за индивидуална обука потполковник Мухамед Ибраими на подофицерите слушатели им додели сертификати за успешно завршениот курс и им посака успешна работа во своите единици како и имплементирање на стекнатите знаења и искуства.
На најдобриот слушател на курсот, за особено залагање и постигнати резултати му беше доделена монета од Главниот подофицер на армијата, која му ја додели Главниот подофицер на Командата за обука и доктрини главен наредник Љупчо Стојков.