По повод јубилејното одбележувањето на 70 години од Февруарскиот поход, генерал – полковник во пензија Тодор Атанасовски како претседател на Главниот одбор на Сојузот на здруженија на борците од НОБ на Македонија одржа предавање во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје.
На предавањето покрај питомците од Центарот за обука на питомци присуствуваа и претставници од единиците, секторите од МО кои се лоцирани во касарната. На предавањето присутните се запознаа со историското и воено значење на Февруарскиот поход, со текот на борбените дејствија и нивните форми. Истакнат беше и спојот помеѓу тогашното воено и политичко раководство во периодот кога Македонија веќе е дефинирана како држава на заседанието на АВНОЈ. Предавањето беше извонредна можност да се потсетиме на историското значење на настаните од НОБ како нераскинлив дел од историјата на македонскиот народ.