Денес 18 Февруари во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ Велес под мотото „Спорт за сите“ по деветти пат се реализираа спортски активности по повод одбележувањето на Денот на Меѓународниот сојуз на воени спортови (МСВС) кој денес се одбележува во сите армии во светот.
На спортските терени во гарнизонот се одржаа спортски натпревари во три дисциплини и тоа: во мал фудбал, пинг-понг и шах. Учесници беа екипи од командата на КОД, Центарот за индивидуална обика (ЦИО), екипа од логистичката чета и екипа од слушателите на Борбено штабниот курс (БШК) кој во моментов се реализира во Центарот за индивидуална обука.
Иако на овие натпревари во преден план беше другарувањето и спортувањето а резултатите беа во втор план, натпреварувачкиот дух не изостана.
Првото место во фудбал го освои екипата на Центарот за индивидуална обука, првото место во пинг-понг го освои екипата на слушателите од БШК и во шах првото место го освои екипата на Командата на КОД.
Овој ден беше прилика за меѓусебно натпреварување но и прилика кога за момент се оставаат секојдневните обврски, а се посветуваме на спортот и дружењето, притоа промовирајќи го здравјето и физичката кондиција на секој припадник од армиската структура.