Дваесет и втората генерација на војници на доброволно служење на воениот рок во Центарот за индивидуална обука (ЦИО) ја заврши обуката.
204 војници меѓу кои 14 припаднички од понежниот пол, изминатите три месеци ги постигнаа очекуваните резултати. Покрај реализацијата на основната воена обука војниците беа вклучени во стражарско обезбедување на воените објекти во сите гарнизони на АРМ, каде што со успех ја извршуваа единствената борбена задача во мир.
По повод завршувањето на обуката пред стројот на војниците се обрати застапникот на командантот на ЦИО мајор Оливер Велески.
Во текот на последната недела од обуката, се реализираше оценување на стекнатите знаења на војниците преку практична проверка и проверка на физичката подготвеност. На крајот, војниците имаа можност на кратко да ги почуствуваат теренските услови – логорување. Една ноќ помината во шатори кои сами војниците ги направија беше уште едно искуство за нив.
Со завршувањето на основната воена обука во ЦИО не завршува во целост процесот на обука, затоа што тука се стекнати само основните темели. Сите војници кои ја имаат завршено основната обука во наредниот период ќе имаат можност да конкурираат за идни професионални војници во АРМ, каде што некои ќе продолжат со понатамошно ангажирање во извршувањето на наменските задачи во редовите на АРМ.
По неколку дена, војниците го напуштаат гарнизонот во Велес и се враќаат во своите места на живеење со едно побогато животно искуство.