Баталјонот за врски од составот на Здружената оперативна команда со воена свеченост во касарната „Илинден“ – Скопје, го одбележа „21-ви Октомври“ денот на единицата.
Во обраќањето на свеченоста командантот на Здружената оперативна команда, бригаден генерал Зоран Милески истакна дека со комуникациско информациска поддршка и непречено функционирањето на врските, баталјонот за врски е од суштинско значење за АРМ.
На припадниците на баталјонот за врски им порача дека со ефикасноста и брзиот пренос на податоците овозможуваат навремена реакција на командите и единиците на АРМ, со што го даваат нивниот придонес во целокупната борбена готовност.
Исто така оддаде признание за одговорното извршување на работата со ресурсите со кои располагаат и во секакви сложени услови, дисперзирани низ целата територија на Република Македонија.
Командантот на баталјонот за врски, потполковник Марјан Миленковски истакна дека во современите услови, владеењето со информациите е од непроценливо значење, затоа и баталјонот за врски кој е основен носител на потребите на ЗОК и ГШ на АРМ работи под мотото „Информацијата е моќ“.
На свеченоста беа прочитани честитки по повод денот на единицата, а беа унапредени и се доделија стимулативни мерки на припадници на единицата за успешно извршување на задачите.
На завршеток пред присутните се прикажа дел од мобилната и стационарна специјална опрема за врски со која располага единицата.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорѓе Иванов, 21 октомври е одреден за Ден на баталјонот за врски, како датум со кој се одбележува формирањето на одделението за врски при главниот штаб на Народно Ослободителната Војска на Македонија.