Вчера, 26-ти февруари 2014 година, на воениот аеродром Голубовци во Подгорица се одржа свечена церемонија по повод завршувањето на повисок степен на летачка обука на хеликоптер Газела на тројца пилоти од Армијата на Република Македонија.
На церемонијата покрај Амбасадорот на Република Македонија во Црна Гора, г-дин Александар Василевски присуствуваше и делегација од Министерството за одбрана на Армијата на Република Македонија во состав: Командантот на Воздухопловната бригада на АРМ полковник Кире Колевски, нерезидентно одбранбено аташе на Република Македонија полковник Дончo Кузманов, потполковник Ацо Станојков, претставници од Министерството за Одбрана на Црна Гора и Војската на Црна Гора (ВЦГ), Командантот на Воздухопловството на ВЦГ полковник Живко Пејовиќ и припадници од Воздухопловството на ВЦГ.
Пилотите од воздухопловната бригада на АРМ: капетан Софтовски Никола, капетан Гоце Секуловски и капетан Донев Александар во изминатите пет месеци реализираа повисок степен на летачка обука во Воздухопловството на ВЦГ при што реализираа поединечен налет на хеликоптер Газела во должина од 60 часа.
Во своите обраќања за време на церемонијата полковник Кире Колевски, полковник Дончо Кузманов и полковник Живко Пејовиќ ја истакнаа одличната билатерлна соработка помеѓу двете министерства и армии, а посебно во областа на образованието, обуката и рационалното искористување на капацитетите на двете армии. Беше најавено дека оваа соработка ќе продолжи и во наредниот период преку изнаоѓање на нови форми на обука и активности.
На крајот од церемонијата на тројцата пилоти од АРМ им беа врачени уверенија за завршената летачка обука на хеликоптер Газела.
Летачката обука на пилотите од АРМ се реализира по принцип на реципроцитет со школување на питомци од Црна Гора на Воената Академија во Скопје.