Денес со воена свеченост се одбележа 13 ноември, Денот на инженерискиот баталјон (инжб), од составот на 1.пешадиска бригада (1.пбр).
Командантот на 1.пбр, бригаден генерал Сашко Лафчиски, во својот говор најпрво ги поздрави присутните гости, а потоа зборуваше за улогата на единицата од самото нејзино формирање, па се до денес. Исто така нагласи дека во годината кога одбележуваме 31 година од формирањето на Армијата и 3 години од полноправното членство во НАТО алијансата, инжб заедно со останатите единици во 1.пбр продолжува да биде круцијална борбена сила и ударна тупаница на Армијата. Тој потсети дека посебно место зазема опремувањето со модерна и софистицирана опрема, согласно НАТО стандардите и учеството во мисиите КФОР во Р. Косово и АЛТЕА во Р. Босна и Херцеговина, каде што заедно со нашите сојузници и партнери припадниците на баталјонот се гаранција за безбедноста и мирот во Европа. На крајот на своето обраќање командантот на 1.пбр нагласи дека инжб учествува во порамнување и проширување на над 100 км патишта низ целата држава, чистење на речни корита, пробивање на непроодни патишта, а активно учествуваше и во хуманитарната операција во Р. Словенија каде помагаше во санација на инфраструктурата погодена од поплавите.
Заменик-командантот на инжб, мајор Ласте Ѓорѓиев истакна дека прославувајќи го денот на инженериската единица, чувството на почит и гордост кога им се обраќа на присутните пред стројот е големо, бидејќи големи се и делата од досега постигнатото и сработеното. За тоа говорат трајните дела на инженерците, а заслужни се сите негови припадници кои работат напорно, посветено и професионално. Притоа мајорот Ѓорѓиев истакна „Денес, кога се одбележуваат 79 години од формирањето на инженериската бригада на Генералштабот на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, чиј носител на традициите е инжб, извршувањето на мисијата беше и останува исто – да ја браниме и градиме државата и да ја сочуваме нејзината независност и слобода со сите сили и средства“.
На свеченоста присуствуваа: бригаден генерал Бесник Емини, бригаден генерал Сашко Лафчиски, претставници од Команда за операции, претставници од 1.пбр, активни и пензионирани генерали на Армијата, команданти и старешини на единици и поранешни команданти и припадници на инженерискиот полк и инженерискиот баталјон.
Свеченоста заврши со читање на честитки по повод Денот на единицата, наредби за унапредување и стимулативни мерки за постигнатите резултати во работата и подигнувањето на борбената готовност. После свеченоста следеше и тактичко-технички збор со дел од машините и моторните возила со кои располага единицата.
Во рамките на одбележувањето на Денот на инжб, припадниците на баталјонот во соработка со Црвениот крст на ден 02.11.2023 година реализираа крводарителска акција на која даруваа 25 крвни единици.
ЏР/СН