Со постројување на средната пешадиска баталјонска група (спбг) и ренџерската чета (рч) во касарната „Боро Менков“ во Куманово, беше одржана церемонија за доделување на НАТО сертификатот „Борбено подготвен“ за горенаведените единици.
Реоценувањето на средната пешадиска баталјонска група (спбг) и оценувањето на ренџерската чета (рч), согласно НАТО концептот за оперативни способности- Ниво 2 беше извршено во период од 02 до 06.10.2017 година на армискиот полигон „Криволак“, од страна на сертифициран оценувачки тим составен од претставници од земји членки на НАТО и национални претставници.
На церемонијата присуствуваа: командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), бригаден генерал Зоран Милески, командантот на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на полкот за специјални операции (пСО), бригаден генерал Орце Јордев.
Командантот на ЗОК, бригаден генерал Зоран Милески церемонијално им ги предаде НАТО сертификатите на командантот на средната пешадиска баталјонска група (спбг) и командирот на ренџерската чета (рч), а воедно пред присутните се обрати и со пригоден говор по повод овој настан.
Бригадниот генерал Зоран Милески на претставниците на спбг и рч им го честиташе успешно завршеното оценување и изрази огромна благодарност за вложениот напор и се што беше направено од страна на сите учесници во вежбата, притоа истакнувајќи дека „сите заедно со здружени сили успеавме да направиме уште една успешна приказна „Македонски блесок-13“. „Величината на овој настан е уште поголема од причина што истиот го правиме во годината кога одбележуваме 25 години од формирањето на АРМ“ – истакна тој.
На крајот од церемонијата на дел од учесниците од средната пешадиска баталјонска група (спбг) и ренџерската чета (рч) им беа доделени стимулативни мерки.