Денес, 07 октомври 2015 година, учесниците на вежбата „Македонски Блесок-11“ донираа ужина во паралелката за деца со специјални потреби и првачињата од ОУ „Страшо Пинџур“ во Кавадарци. Со ова уште еднаш беше потврдена одличната соработка на АРМ со локалното население за време на изведување на вежбовните активности.
Согласно листата на инциденти и настани, денес на „Македонски Блесок-11“ припадниците на ренџерската чета на Армискиот полигон „Криволак“ беа оценети во извршување на инфилтрација по воздушен пат со транспортен хеликоптер Ми-17 и ослободување на заложник. Припадниците на четата на Воена Полиција се оценуваа во извршување на задачи за реакција на контаминирано земјиште, кордон и пребарување и поседнување на борбени позиции.
Утре, вежбата „Македонски Блесок-11“ влегува во завршна фаза, кога се очекува да заврши оценувањето согласно Концептот за оперативни способности на НАТО, со кое се оценуваат ренџерската чета и четата на Воена Полиција.