Во периодот од 16.12. до 18.12.2020 година во просториите на Оперативниот центар на Командата за операции во касарната „Боро Менков“ во Куманово се реализираше работилница со цел персоналот од Оперативниот центар на Командата за операции да се обучи за работа и користење на системот за командување со инциденти во кризни ситуации NICS (Next-Generation Incident Command System).
Во рамките на Оперативниот центар, формиран во структурата на Армијата согласно трансформациските процеси, Центарот за управување со кризи (ЦУК) инсталираше соодветна информатичка опрема и реализираше целосно соодветна обука за користење на оваа нова дигитална платформа за водење операции од областа на кризниот менаџмент.
Со започнување на работа на новиот Оперативен центар на Армијата во касарната „Боро Менков“, припадниците на Командата за операции и ЦУК, ги реализираа неопходните подготовки со дигитално симулирани ситуации – обука, со што Армијата се вклучува како уште посовремена поддршка на структурите од Системот за управување со кризи. За остварување на таа функција е потребна директна електронска комуникација, координација и соработка помеѓу Оперативниот центар на Армијата, Оперативниот центар на ЦУК и сите инволвирани институции од системот за управување со кризи.
На ден 17.12.2020 година командантот на КО, генерал-мајор Павле Арсоски реализираше средба со в.д. директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов и заменик-директорот Екрем Зендели, при што извршија обиколка на активностите на работилницата.
На крајот на обуката се реализираше мини вежба за проверка на капацитетите на Армијата при употреба и користење на NICS системот со ангажирање на ГШ на Армијата и ЦУК.
ЧС/БН